По повод стогодишнината од Светскиот ден на мисиите, Апостолската пенитенцијарија (Paenitentiaria Apostolica), институцијата на Светиот Престол надлежна за прашања поврзани со исповедта, разрешувањата и опростите, одобри можност верниците да добијат целосен опрост под вообичаените услови, доколку во недела, 18 октомври 2026 година, примат Света Причест и се молат за ширење на Евангелието низ целиот свет, стои во соопштението од Скопската бискупија и Струмичко-скопската епархија.
За да се добие целосен опрост, потребно е да се исполнат и вообичаените услови. Тие вклучуваат светотаинска исповед со искрено покајание за гревовите, Света Причест, молитва по накана на Светиот Отец, како и внатрешно одрекување од секој грев, вклучително и од малите гревови.
Светотаинската исповед може да се изврши неколку дена пред или по Светскиот ден на мисиите, додека се препорачува Светата Причест и молитвата по накана на Светиот Отец да бидат извршени истиот ден.
Светскиот ден на мисиите оваа година се одбележува на 18 октомври, а верниците се повикуваат својата молитва и духовна жртва да ги принесат за мисионерското дело на Црквата и за ширење на Евангелието меѓу сите народи.
к.мк

