Папата ги охрабри младите во Меѓугорје повторно да ја откријат убавината на средбата со Господ
Во пораката потпишана од државниот секретар кардинал Пјетро Паролин, по повод отворањето на Фестивалот на млади, Младифест, што се одржува во светилиштето во Босна и Херцеговина, папата Лав XIV ги повика младите да не дозволат да бидат заведени од илузиите на „минливата среќа“. Следејќи го Исус, дури и најдлабоките прашања и грижи на срцето можат да станат „можност за расудување и раст во верата“.
Ветувањата за лесна и моментална среќа се привлечни, но често исчезнуваат без да остават траен белег. Она што останува се подлабоките прашања, грижите што живеат во човечкото срце и копнежот по радост што трае.
Токму од овие ранливости може да започне автентичниот пат на верата преку средба со Бога, „Кој го смирува секое срце и дава сила секогаш да се започне одново“.
Ова е сржта на пораката што папата Лав XIV, преку писмо потпишано од државниот секретар кардинал Пјетро Паролин, ја упати до младите од 73 земји, собрани во Меѓугорје на отворањето на Младифест, меѓународниот младински фестивал.
Фестивалот, кој започна во 1989 година, се одржува секоја година. Евхаристиското славење се одржува на отворениот олтар на парохијата „Свети Јаков“.
Средба со Господ, Кој го смирува секое срце
Пораката ја прочита надбискупот Алдо Кавали, апостолски визитатор со посебна задача за парохијата Меѓугорје, кратко пред светата Литургија која ја служеше надбискупот Франциск Асишки Чуликат, апостолски нунциј во Босна и Херцеговина и Црна Гора.
Во својата порака, Папата ги охрабри младите да се вратат ad fontem, кон Христос, изворот на новиот живот и вистинската радост.
Преку молитвата, слушањето на Божјото Слово и светите Тајни, тој ги повика повторно да ја откријат „убавината на личната средба со Господ, Кој го смирува секое срце и дава сила секогаш да се започне одново“.
Да ја бараме вистината што ослободува
Папата ги охрабри младите искрено да ја бараат „вистината што ослободува“ и да не дозволат да бидат измамени од „илузиите на минливата среќа“.
Следејќи го Исус, истакна тој, секој човек може да ги прифати дури и најтешките прашања и грижите на срцето како можности за расудување и раст во верата.
Да се довериме на Светиот Дух и на Марија
Пораката завршува со поттик младите да дозволат да бидат „водени од Светиот Дух“ и да се доверат на застапништвото на Марија.
На тој начин, рече Папата, тие можат да станат „сјајни сведоци на Евангелието, промотори на братството и градители на мирот во општеството“.
Ватикан њуз/к.мк

