Водата не е обичен продукт, ниту пак само економски ресурс. Таа е општо добро. Светиот Престол апелира до меѓународната заедница да го подобри пристапот до вода за пиење и санитација, особено во земјите во развој.
Постојаната набљудувачка мисија на Светиот Престол при Обединетите нации се осврна на ова прашање за време на дебатата во Њујорк, одржана во вторник, 7 јули 2026 година. Дебатата се одржа во контекст на Целите за одржлив развој, со посебен фокус на водата и санитацијата.
Ватикан нагласи дека милијарди луѓе сè уште немаат пристап до безбедна вода и соодветни санитарни услови, иако тие се од суштинско значење за целосното уживање на правото на живот.
Неправда и неуспех
Според Светиот Престол, ваквата состојба претставува длабока неправда и повреда на човековото достоинство. Постојаната набљудувачка мисија предупреди и на неуспехот во остварувањето на целите за одржлив развој, како и на недоволната посветеност на ова прашање.
Од суштинско значење е пристапот до вода да се гарантира како општо добро, во духот на правда, солидарност и универзална намена на ова добро за сегашните и идните генерации.
Светиот Престол повика на зголемена посветеност и проширена поддршка за земјите во развој, особено за оние што се наоѓаат во посебно тешки околности. За тоа се потребни повеќе финансиски ресурси, трансфер на технологија и зајакнување на капацитетите.
Надминување на тесните интереси
Во исто време, напорите треба да бидат водени од визијата дека водата е општо добро на човештвото. Не се доволни само технички решенија. Потребна е длабока културна и етичка промена.
„Заштитата на водата значи заштита на самиот живот. Да се признае водата како општо добро значи да се надминат тесните интереси и да се дејствува во духот на солидарност и правда, за доброто на сегашните и идните генерации.“
Во оваа насока, програмите за образование и подигање на свеста се од основно значење. Тие треба да промовираат одговорно користење на водата и да ги охрабрат поединците, семејствата и заедниците да ја препознаат нејзината вредност, да избегнуваат расипување и да усвојуваат одржливи навики на потрошувачка.
Вода за сите
Ова бара ново чувство на одговорност на сите нивоа, како и политички мерки што ќе им дадат предност на благосостојбата на сиромашните и на оние на кои им е потребна помош.
Целта, нагласи Светиот Престол, е да се обезбеди пристап до ова општо добро за сите.
Претстојната Конференција на ОН за вода во 2026 година нуди важна можност за унапредување на овие напори. Таа ќе се одржи од 8 до 10 декември 2026 година во Абу Даби, Обединети Арапски Емирати, а заеднички домаќини ќе бидат Емиратите и Сенегал.
Конференцијата ќе се фокусира на забрзување на напредокот кон шестата Цел за одржлив развој на ОН, посветена на чистата вода и санитацијата.
Ватикан њуз/к.мк

