За време на неговата посета на Папскиот Грегоријански универзитет во Рим, папта Фрањо потсети на потребата да се вратиме на духовните извори за вклученоста на Друштвото Исусовци во образовните активности.
Папата Фрањо потсети дека во мај 2024 година уште две институции беа присоединети во структурата на Папскиот Грегоријански универзитет: Папскиот библиски институт и Папскиот ориентален институт. Истовремено, истакна дека потрагата по ефикасност и структурни промени нема да има успешен резултат доколку не внимаваме на она што се случува во светот и во Црквата и ако не го анализираме во светло на посланието кое Христос го довери на Друштвото Исусовци.
Доброто на христијанството зависи од формацијата на младите
Светиот Отец се осврна на почетоците на Папскиот Грегоријански универзитет, основан во 1551 година од свети Игнатиј Лојолски како Римски колегиум. Изрази жалење што е пропуштена „можноста да се врати тоа име“ што би се „поврзало со првичните цели“ на институцијата.
Папата потсети на зборовите на секретарот на свети Игнатиј Лојолски, кој, наведувајќи ги причините за учеството на Друштвото Исусовци во образовните активности, рече дека „доброто на христијанството и на целиот свет зависи од доброто образование на младите, за кои се потребни чесни и мудри воспитувачи“.
Да бидеме мисионери, инвестирајќи во формација на срцето
Светиот Отец истакна дека дојде во Папскиот Грегоријански универзитет за да ги потсети Исусовците за звањето „да бидат мисионери од љубов кон нашите браќа и сестри“ и отворени за Господовиот повик. Тој истакна дека образовната институција треба да биде место каде што мисионерската работа се изразува во образовни активности кои се реализираат со срце.
„Образованието е пред се грижа за личноста, што значи внимателно, драгоцено и нежно делување со љубов. Во спротивно, образованието ќе стане сув интелектуализам или искривен нарцизам, вистинска духовна изопаченост, каде што другите постојат само како гледачи, плескачи со рацете, кутии кои ќе се полнат со егоизмот на оние што предаваат“, предупреди Римскот бискуп.
Мудроста не произлегува од апстрактните идеи, туку од вниманието кон реалноста
Папата се осврна на неговата енциклика Dilexit Nos, нагласувајќи дека е неопходно универзитетот да стане „дом на срцето“, а тоа бара оживување на „теологијата на воплотување“. Светиот Отец поттикна на подлабоко проучување на источните традиции, што би поттикнало размена на дарови.
Според папата Фрањо, Папскиот Грегоријански универзитет мора да генерира мудрост што не може да произлезе врз основа на апстрактни идеи развиени на бирото, туку од познавањето и искуствата за тешкотиите на конкретната историја, контактот со животите на народите и симболите на културите, внимателност на прашањата и плачот на сиромашните.
Светиот Отец потсети дека универзитетот ги извршува своите активности во согласност со посланието кое му е доверено од Римскиот бискуп. Во таа насока тој повика на зајакнување на врските со Црквата, за што е неопходно „да ги оставиме настрана сопствените мислења и во се да бидеме подготвени да ја послушаме светата Мајка Црква“.
Ватикна њуз/к.мк