Царице небесна: Да бидеме радосни навестители на Евангелието

Царице небесна: Да бидеме радосни навестители на Евангелието

На Светол Понеделник папата Фрањо ја предводеше молитвата Царице небесна од прозорецот на Апостолската палата во Ватикан. Потсети како жените од Евангелието брзаат да ја објават веста за воскреснатиот Господ и нè учат дека се среќаваме со Исус сведочејќи за Него.

Папата Фрањо ги поздрави ходочасниците на плоштадот Свети Петар во Ватикан од прозорецот на Апостолската палата на Светол Понеделник, 10 април 2023 година, за пред пладневната молитва Царице небесна.

Размислувајќи за денешното Евангелие, поттикна повторно да ја доживееме средбата на жените со воскреснатиот Исус на Велигденското утро. Така, нè потсетува дека токму тие, жените ученички, први го видоа и го сретнаа и станаа првите носителки на радосната вест за воскресението.

Храброст и љубов

Папата Фрањо опиша како жените, како и сите ученици, сè уште тагуваат за Исусовите страдања и смрт, но не дозволиле тагата или стравот да ги спречат да одат на гробот, носејќи миризливо помазание во знак на љубов и сеќавање. Надминувањето на стравовите и тагата со таа храброст и љубов е она што ги води до средбата со Воскреснатиот.

Господ меѓу нас

Откривањето на празниот гроб ги поттикнува жените да побрзаат и да побегнат за да им ја соопштат на неговите ученици Радосната вест, истакна Папата, а потоа Исус ги сретнува додека беа на пат.

Токму кога појода да ја објават оваа вест, во пресрет им доаѓа Исус. Да го забележиме ова добро: Исус ги среќава додека одат да го навестат. Ова е убаво: Кога Го навестуваме Господа, Господ доаѓа кај нас.

Понекогаш мислиме дека начинот да останеме блиску до Бог е да го држиме блиску до нас, но тоа може да биде и поради нашиот сопствен страв дека луѓето би можеле да нѐ осудат, критикуваат или оспоруваат, а ние не би знаеле како да одговориме на некои прашања или провокации поради нашето незнаење. Наместо тоа, Папата појасни дека мора да излеземе и да навестуваме за Господ.

Господ доаѓа додека го навестуваме. На патот на навестување секогаш ќе го најдете Господ. Навестете го Господа и ќе го сретнете. Барајте го Господа и ќе го сретнете. Секогаш во движење, тоа нè учат жените: тие го сретнуваат Исус сведочејќи за него. Да го ставиме ова во нашите срца: го среќаваме Исус сведочејќи за него.

Радосната вест живее во нас

Светиот Отец потоа даде пример како споделувањето на радосната вест ја оживува радоста во нас. Раѓањето на детето е радосна вест која луѓето ја споделуваат со семејството и пријателите, а зборувајќи за тоа, веста нѐ оживува – истакна Папата. Ова се случува бескрајно повеќе за Исус, објасни тој, кој не е само радосна вест, туку е самиот живот, воскресението и животот.

Секогаш кога тоа го навестуваме, не преку пропаганда или прозелитизам, туку со почит и љубов, како најубав подарок за споделување, како тајна на радоста, тогаш Исус уште повеќе се вселува во нас.

Да размислуваме уште малку за жените од Евангелието, истакна Светиот Отец, таму имало запечатен камен и тие и покрај тоа одат на гробот. Целиот град го виде Исуса на крстот, но и покрај тоа, тие отишле во градот да навестат дека е жив.

Кога ќе го сретнеме Исус, ниедна пречка не може да нѐ спречи да Го навестуваме. Ако, пак, неговата радост ја задржиме за себе, можеби тоа е затоа што навистина не сме Го сретнале – ги поттикна папата Фрањо присутните верници.

На крајот, Светиот Отец се помоли на Пресвета Богородица да ни помогне да бидеме радосни навестители на Евангелието.

По молитвата Царице небесна, папата Фрањо истакна дека треба да се потсетиме дека денеска се одбележуваат 25 години од т.н. Договорот од Велики Веток или Договорот од Белфаст, кој стави крај на повеќедецениското насилство што ја мачешее Северна Ирска.

Во духот на почитта, го молам Бог на мирот постигнатото во тој историски премин да може да се консолидира за доброто на сите мажи и жени на островот Ирска, рече Римскиот бискуп.

Светиот Отец уште еднаш им посака на сите среќен Велигден и среќен Светол Понеделник, на Римјаните и ходочасниците од различни земји. Тој им се заблагодари на сите кои деновиве му упатија честитки и молитви.

Ви посакувам овие Велигденски денови да ги поминете во радост на верата, која е продолжение на празнувањето на Христовото воскресение. Упорно да повикуваме за дарот на мирот за целиот свет, а посебно за драгата и напатена Украина.

На крајот, Папата преку застапништво на Дева Марија се помоли за благослов на сите. Нека Господ сите ги награди со дарови.

Ватикан њуз/к.мк

 

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот