Папата жали за жртвите од стампедото во главниот град на Јужна Кореја, каде што загинаа повеќе од 150 млади луѓе во еден од квартовите за ноќен живот. Стотици илјади млади луѓе се наоѓаа на тесните улички во тој кварт, по повод прославата на Ноќта на вештерките, кога веста за присуството на локална поп ѕвезда предизвика стампедо. Прогласени се седум дена национална жалост.
По молитвата Ангел Господов во недела 30 октомври 2022 година, Папата ја спомена трагедијата во Сеул и поттикна на молитва за жртвите.
Да го молиме воскреснатиот Господ за оние – посебно за младите – кои починаа синоќа во Сеул, поради трагичните последици од ненадејното стампедо од бројната толпа.
Станува збор за трагедијата на малолетници и дваесетгодишници, при што бројот на жртвите расте од час во час, кој засега е 153 загинати, меѓу кои и странци, а уште стотина се водат како исчезнати. Она што требаше да биде прва прослава во Јужна Кореја, во главниот град Сеул, по три години ограничувања поради пандемијата КОВИД-19, се претвори во трагедија од невидени размери, поради стампедо во еден од квартовите за ноќен живот во Сеул, во Итаевон, каде илјадници млади се собраа на прославата на Ноќта на вештерките.