Продолжувајќи ја катехезата посветена за староста, папата Фрањо на овонеделната Генерална аудиенција зборуваше за библиската личност Јов, кој сведочи за нежниот Бог и кога молчи. Бунтот на Јов нè учи да бидеме слободни кога се молиме, обраќајќи му се на Отецот како деца кој нè разбира и слуша, потсети Светиот Отец.
Истрајната вера на Јов и порај длабоките страдања го наведува да сфати дека Бог, кој често изгледа дека молчи пред злото, сепак таинствено е присутен со својата откупителна милост и љубов, им порача Папата на верниците собрани на плоштадот Свети Петар во среда 18 мај 2022 година.
Јов го среќаваме како сведок на верата која не ја прифаќа „карикатурата“ за Бога, туку гласно протестира пред лицето на злото, додека Бог не одговори и не му го открие лицето, рече Папата. Тој му ја покажува на Јов својата слава, а при тоа да не го скрши, или уште подобро, правејќи го тоа со суверена нежност, рече тој.
Однапред создадени парадигми
Во својата неволја, Јов ги отфрла поедноставените објаснувања за злото што му ги нудат неговите пријатели и ја излева сета своја горчлива болка и бунт на Бога. Самиот Отец, истакна Папата, ги прекорува пријателите на Јов кои претпоставуваа дека знаат сè за Бога и страдањата, а откако дојдоа да го утешат Јов, на крајот го осудија според нивните однапред создадени парадигми. Но, Јов има доверба во Божјата правда, која ќе се открие во догледно време.
Тешки искушенија и вера во Божјите ветувања
Книгата Јов, објасни Папата, драматично на примерен начин го прикажува она што навистина се случува во животот. Тешки искушенија паѓаат врз човек, семејството, кои се несразмерни на човечката маленкост и кревкост. Некои луѓе се обземени од акумулацијата на злото што навистина изгледа претерано и неправедно. Сите знаеме ситуации кога некои добри луѓе трпат страдања што изгледаат неправедни и неподносливи, но, како и Јов, продолжуваат да веруваат во Божјите ветувања, рече Светиот Отец, особено мислејќи на родителите на децата со тешка попреченост или оние кои живеат со трајна болест или оние кои помагаат на некој член од своето семејство.
Во одредени моменти од историјата, продолжи папата Фрањо, изгледа дека сите товари се натрупани наеднаш, како групна средба. Ова се случи во последниве години со пандемијата на болеста Ковид-19, а се случува и сега со војната во Украина.
Слободен во молитвата
Бог не бега од соочување, забележа папата Фрањо. Но, од самиот почеток, му дозволува на Јов да се изрази во својот бунт. Таква мора да биде молитвата, спонтана, како син со татко да му кажува сѐ што му доаѓа на уста, бидејќи знае дека татко му го разбира, истакна тој. Како што рече Светиот Отец надвор од подготвениот говор, кога децата или младите протестираат кај своите родители, на овој начин сакаат да го привлечат внимание и да бараат да бидат згрижени. Ако имаш рани во срцето, некоја болка и сакаш да се побуниш, жалете се дури и на Бога, Бог те слуша, Бог е Отец, тој не се плаши од нашите молитвени протести. Бог разбира. Но, бидете слободни во вашата молитва, не ја затворајте својата молитва во однапред создадени обрасци, истакна Петрвиот наследник.
Сведоштво во староста
Исповедта на верата на Јов, истакна Папата, која произлегува од неговото постојано повикување на Бога на врховна правда, ја завршува со зборовите: „Бев слушал за Тебе со слухот на увото; сега, пак, очите мои Те гледаат“ (Јов 42,5). Многумина од нас кои по некое малку грдо, тешко искуство, имаме направено чекор нанпред и го запознавме Бог подобро од порано, па да ги кажеме тие зборови заедно со Јов, додаде Папата.
Ваквото сведоштво е особено веродостојно ако се живее во староста, во напредната слабост и губиток. Оние кои се постари се сведоци на многу такви искуства, рече Светиот Отец.
Завршувајќи ја катехезата, папата Фрањо истакна дека постарите луѓе, кои го наоѓаат овој пат на сведочење, кои својата горчина на загубата ја претвораат во упорно исчекување на Божјите ветувања, се незаменлив гарнизон во заедницата при соочување со екцесите на злото.
Со нивниот пример на молитва и доверба, постарите лица, бабите и дедовците можат да нè научат како да се соединиме со распнатиот Исус, кој на крстот целосно се предаде во рацете на својот небесен Отец.
Ватикан њуз/к.мк