Светиот Отец на 15 ноември во Апостолската палата го прими во аудиенција претседателот на Република Хрватска, Зоран Милановиќ.
Според соопштението од Канцеларијата за печат на Светиот Престол, во срдечниот разговор било изразено задоволство од постоечките добри билатерални односи и намери за натамошен развој на соработката.
Освен тоа, се разговарало за различни меѓународни и регионални прашања, вклучувајќи ја и позицијата на хрватскиот народ во Босна и Херцеговина.
По аудиенцијата кај Светиот Отец, претседателот Милановиќ се сретна со државниот секретар на Светиот Престол, кардинал Пиетро Паролин и секретарот за односи со државите, надбискупот Пол Ричард Галагер.
Претседателот Милановиќ подоцна се осврна на аудиенцијата, истакнувајќи дека Светиот Отец бил многу директен во некои работи. Осврнувајќи се на темата Босна и Херцеговина и „сите работи што нѐ мачат“, претседателот Милановиќ рече дека можеби со помош на Ватикан тие можат подобро да се решат.
Претседателот на Република Хрватска на новинарите им изјави дека го поканил папата Фрањо во Хрватска.
Како што е обичајот, Светиот Отец и Претседателот на Република Хрватска размениле подароци. Папата му подарил мозаик на кој е прикажана берба на грозје со натпис „Плодот на трудот и човечката рака ќе стане наш духовен пијалок“, додека претседателот Милановиќ на Светиот Отец му подарил Мисал на кнез Новак од 14 век. Станува збор за Мисал од римски обред напишан на глаголица и на црковнословенски јазик. Тоа бил заветен подарок од Новак Дисиславиќ за црквата наменета за неговиот погреб.
По аудиенцијата во Ватикан, претседателот Милановиќ го посети Папскиот хрватски институт Свети Јероним во Рим. Ова е втора посета на претседателот Милановиќ на Светиот Престол. Во 2012 година како премиер се сретнал со тогашниот папа Бенедикт XVI. Папата Фрањо во неговиот осум годишен понтификат сѐ уште ја нема посетено Хрватска.