Во пладневниот наговор пред молитвата Ангел Господов на 26 септември 2021 година папата Фрањо истакна дека стравот на затворањето е коренот на голем број зла во историјата и ја поттикна Црквата да биде таа која прифаќа сѐ, а не таа која е само за најдоброто, бидејќи Духот Свети сака отвореност, заедница во која има место за сите луѓе.
Да се затвориш, да поделиш, да исклучиш и да судиш. Толкувајќи го во пладневниот наговор Евангелието од неделната Литургија, папата Фрањо предупреди на искушението присутно во светот и во Црквата, дека се обликуваат групи кои веруваат дека ја поседуваат вистината. Гледајќи ги апостолите кои му забраниле на еден човек да изгонува зли духови и покрај способноста, Исус ги поттикнал да не им пречат на тие кои работат за доброто – напомена Папата и посебно се осврна на двата збора кои произлегуваат од Исусовиот говор: искушение и поттик. Никој нема исклучиво право на Исус, сите сме повикани да се оддалечиме од менталитетот на „гнездото“. Секое затворање, имено ги држи на оддалеченост оние кои не мислат како ние. Тоа е, како што знаеме коренот на голем број големи зла во историјата: апсолутизмот кој често создавал диктатури и многу насилство во однос кон оние кои се различни.
Да спречиш некое добро дело само затоа што оној кој тоа го направил не припаѓал на нивната група е искушение кое учениците ги доведува до чувството дека се единствените овластени да работат за Царството Божјо; на крајот се чувствуваат љубени и другите ги сметаат за странци, толку што станале непријателски расположеи кон нив. Треба да се внимава исто така на затвореноста на Црквата; да не се чувствуваме „први во одделението“, да не покажуваме „верска дозвола“ за да судиме и исклучуваме, туку треба да одиме заедно за да бидеме понизни и отворени заедници – истакна Папата.
Да молиме за милоста да го надминеме искушението за судење и католигизирање и Бог да нѐ чува од менталитетот на „гнездото“, од тоа љубоморно да се чуваме во мало гнездо на оние кои се сметаат за добри, во кое свештеникот е со своите најверни, во кое пасторалните работници се затворени меѓу себе за никој да не се вовлече, движењата и здруженијата со нивната посебна харизма и други. Сето тоа – додаде Папата, може од христијанските заедници да направи места на разделување, а не заедништво. Светиот Дух не сака затворање; сака отвореност, гостољубиви заедници во кои има место за сѐ.
Меѓутоа, треба да се чуваме исто така од искушенијата да не им судиме на другите не гледајќи на себе. Постои опасноста да бидеме немилосрдни кон другите и милостиви кон себе. Никогаш не треба да се договараме со злото; Исус нѐ поттикнува да бидеме јасни: Ако е во тебе нешто што те соблазнува, отсечи! – истакна Папата и објасни, Исус е радикален, бара, но за наше добро како добриот лекар. Целта на секој рез, на секое отсекување е подобар раст и плод во љубовта. Затоа да се запрашаме: Што е тоа во мене што е спротивно со Евангелието? Што, конкретно, Исус сака да отсечам во својот живот? – поттикна на крајот папата Фрањо.
Ватикан њуз/к.мк