Зошто Јуда го предаде Исус?

Зошто Јуда го предаде Исус?

Донесуваме неколку теории Јуда. Јуда Искариот е еден од најфасцинантните ликови вo Новиот Завет. За нас е тешко да разбереме зошто некој толку близок до Исус всушност стана негов предавник и го заврши својот живот на најлош можен начин. Дали е доволно да се биде близу до Исус за човекот да стане свет? „Оние што мислат дека привилегијата да живеат во друштво со Исус е доволна за да стане човек свет, не се во право“, се зборови папата Бенедикт XVI

Јуда Искариот долго време е еден од најфасцинантните ликови на Новиот завет, пишува Simply Catholic. Писмото јасно го именува за престапник, но неговата мотивација долго време беше предмет на нагодување. Како може некој свесно, доброволно да изврши таков ужасен чин против невиното Јагне Божјо, Спасителот на светот? Се чини дека некои објаснувања имаат за цел да ја ублажат вината на Јуда, претставувајќи го како оној кој не бил толку злобен, колку што бил слаб, збунет или едноставно обидувајќи се да биде од помош.

Да ги испитаме најпрво главните теории, сите произлезени од Светото Писмо.

Теории за мотивите

Првата теорија е дека Јуда го предал Исус затоа што бил алчен за пари. Сите четири евангелија посочуваат на ова како можен мотив што придонесува за тоа. Евангелието на Матеј е уникатно во споменувањето на 30 сребреници како цена што ја добил Јуда за предавството (сп. 26,15). Исто така, тоа е единствениот извештај за Јуда, кој зборува подоцна дека Јуда се покаја за своите постапки, фрлајќи ги пари назад на првосвештениците и обесувајќи се (27, 3-5).

Марко и Лука исто така зборуваат за Јуда кој го продал Христос на првосвештениците (сп. Марко 14, 10-11; Лука 22, 1-6). Но, Лука го истакнува и ова: И влезе сатаната во Јуда, (22,3) пред да се сретне со првосвештениците и книжниците за да го договори апсењето на Исус.

Евангелието според Иван е најостро во однос на Јуда. Тоа е единственото Евангелие кое го именува Јуда како оној кој се огорчил за чинот, кога жената го излеала мирото врз нозете на Исус, проценувајќи дека тоа може да се продаде за голема сума и парите да им се дадат на сиромашните (сп. Иван 12, 1 8). Иван го открива и мотивот на Јуда за неговиот приговор: „Ова тој го рече не дека се грижеше за сиромасите, туку зашто беше крадец. Тој го чуваше ковчежето и крадеше од она, што пуштаа во него.“ (12, 6). Иван, како и Лука, исто така ја споменува улогата на сатаната при предавството на Јуда. (13,27).

Значи, страста за пари и влијанието на ѓаволот се најочигледни причини за гревот на Јуда во библиските извештаи. Ја знаеше вредноста на робата и беше човек што може да се купи. Неговата ориентација за алчност го направи релативно лесна мета на сатаната. Можеби наградата од првосвештеникот беше „понуда која тој не можеше да ја одбие“.

Други фактори

Евангелијата навестуваат и други фактори што придонесуваат за тоа.

На пример, во Матеј, Јуда секогаш му се обраќа на Исус како „Раби“, но никогаш како „Господ“. Некои библичари сметаат дека ова е знак на неуспехот на Јуда да го сфати идентитетот на Исус и неговата спасителна улога.

Именувањето „Јуда Искариотски“ се појавува во неколку евангелија. „Искариот“ е можеби комбинација од хебрејскиот ‘иш Кериот’ или ‘човек од Керио’, град во јужна Јудеја. Ако е така, има некои шпекулации, единствено Јуда не беше Галилеец меѓу Дванаесеттемина и тој можеби се чувствувал необично, па изолацијата можеби го засили искушението да изврши предавство.

„Искариот“ исто така многу потсетува на грчкиот збор σικάριος (сикариос) што значи „носач на меч“. Ова би сугерирало дека Јуда бил член на „сикариус“, најрадикалниот дел на зелотите. Зелотите верувале дека Месијата ќе дојде како воен водач да ги ослободи Евреите од нивните римски окупатори. Носителите на мечеви биле подготвени да го ослободат еврејскиот народ по пат на она што денес би ги сметале за терористички чинови. Оваа теорија тврди дека Исус го разочарал Јуда и верувал дека апсењето на Исус може да го принуди да започне револуција.

Лекција за секого

Која теорија е точна? Несомнено, некои од овие фактори, а можеби и други, играат улога. На Генералната аудиенција во среда 18 октомври 2006 година, папата Бенедикт XVI зборува за Јуда и спомнува неколку клучни теории. Но, на крајот, вели тој, мотивите на Јуда остануваат мистерија.

Основен факт, забележува Папата, е дека Јуда „се препушти на искушението од Злото“. Тој упати поука до сите верници, истакнувајќи дека и покрај тоа што Јуда бил многу близок со Исус, сепак не бил неранлив од грев.

„Погрешно е“, истакнува папата Бенедикт, „да се мисли дека големата привилегија да се живее во друштво со Исус е доволно за да стане човек свет. Исус не ја принудува нашата волја кога нè повикува да го следиме на патот на Блаженствата. Единствениот начин да ги избегнеме стапиците што нè опкружуваат е целосно да му се предадеме на Исус, да стапиме во целосно заедништво со Него, за да мислиме и да постапуваме како Него, со потполна послушност кон Отецот“.

Ика/к.мк

Категорија: Вера, Духовност

За авторот