4. Пастирско писмо на Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов во Годината на милосрдието

4. Пастирско писмо на Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов во Годината на милосрдието

Бидете Милосрдни како Отецот

  1. Да ја продолжиме со Христос Годината на Милосрдието

Браќа свештеници, чесни сестри, браќа и сестри во Христос!

Се наближува празникот Христос Цар а со тоа и крајот на Вонредната Јубилејна година на Божјото милосрдие. Како верници во оваа година бевме учесници на многу настани на ниво на Месната црква што Бог ни ги подари да ги доживееме и искусиме. Веројатно, никогаш нема да можеме правилно да го оцениме сето она што сме го примиле во оваа година според неизмерната Божја добрина. Нашиот Бог – кој е Љубов – многу често незабележливо дејствува во нашата душа и само понекогаш добиваме светлина и гледаме убавина во неговата добрина. Славејќи ја Годината на Божјото милосрдие можеби повеќе се концентриравме или собиравме околу таинството и начинот на кој Бог го спасува човекот. Тоа што е сигурно, увидовме дека на секој од нас му е потребно спасение и дека тоа спасение не можеме да го постигнеме со сопствени сили а уште помалку да го заслужиме. Она што евентуално најповеќе можеме е соработка со понудената милост – Божјиот дар. Многу пати сме доживеале дека Бог нè претекнува во својата добрина, па и за тоа за што ниту сме се осмелиле да молиме, Тој со задоволство ни го дава. Би сакал оваа година на сите да ни остане запишана во нашите срца и во свеста дека Бог е добрина, љубов и милосрдие. Уште еднаш ќе повториме дека милосрдието е начин на кој Бог одговара на човековата потреба тој да се ослободи од својата грешност. Бог е правда и праведен е, ама Милосрдието е начин на кој Бог, така да се каже, ја надминува и својата правда. Неговиот начин на праведност е манифестација на љубовта со која му излегува во пресрет на човекот за да му помогне. Често пати се среќаваме со поимот Божја казна, но кога длабоко ќе размислиме, Бог кој е Љубов не казнува. Евентуалната казна е да нè препушти на одлуката на нашата сопствена слобода која честопати е заведена од искушението на ѓаволот, заведување од други луѓе или страсти кои во себе не ги контролираме. Да бидеме сигурни во тоа дека Бог „повеќе страда“ над загубата на едно од своите деца отколку што ние сме способни да почувствуваме болка поради нашите гревови. Најголем доказ за тоа е Исусовото овоплотување – за тоа размислувавме за Божик; Исусовото страдање, смрт и воскресение беше наше размислување за Велигден; Исусовото продолжение на страданијата на членовите на Неговата црква беше тоа за што размислувавме за Педесетница.

Браќа и сестри, со силата на благодатта на верата бидете уверени во тоа дека Второто Божјо лице стана човек за да може на себе да ги преземе нашите страданија, нашата смрт и да ни дарува воскресение. На тој начин  реченицата дека Бог е „сопатник“ со нашите болки станува вистина. Мачениците и многу светци сведоци се дека тоа и денес е вистина.Впрочем, Исус вели дека не може да биде Негов ученик оној кој не се откажува од самиот себе и не го носи секој ден својот крст и не го следи Него. Христијанинот не е привилегиран за да биде без страданија, туку е “обдарен” со благодатта на љубовта за да ги принесува своите страдања. Така, всушност, сите – кои сме свесни за својата вера на крстот и воскресението учествуваме во откупувањето на човештвото, а како што вели св. апостол Павле: „Сега се радувам во своите страдања за вас и го пополнувам недостигот од Христовите маки во моето тело за телото Негово, кое е Црквата“ ( Кол 1,24). Така кон крајот на оваа Година на Милосрдието поблиску сме до таинството на Божјата љубов која се манифестира токму над злото во овој свет.

  1. …како Отецот

На прв поглед изгледа дека многу се бара од човекот кој е слаб и кревок за да го исполни Божјото барање содржано во Исусовата реченица: „Бидете совршени како што е совршен вашиот Отец небесен“ (Мт 5,48) или како што е во мотото на оваа Година на Милосрдието: „Бидете милосрдни како Отецот“. Склони сме со право да кажеме, дека човекот не го може тоа. Меѓутоа, објавената вистина е дека Бог во крштевањето а пред сè во светата потврда ни го дарува Светиот Дух „сила одозгора“ (Лк 24,49) кој во нас извикува: „Ава, Оче“ (Рим, 8,15). Јасно дека ние со силата на нашата човечка природа тоа не можеме ниту да го помислиме, а камоли да бидеме, но сега е многу важно – и затоа го пишувам оваа писмо за да ја осведочам вистината дека сме „Храм на Светиот Дух и дека Бог во нас дејствува и „сака и може“. Пред нас стои предизвик: „примете ги даровите на Светиот Дух“ и дневно во молитвата и читањето на Божјото слово облечете се со силата одозгора. Христијанинот е свесен за својот избор и треба да биде подвижен Храм Божји. Оној кој го бара Бога, бара пат до Бога за да може полесно во нашиот начин на размислување и делување да го препознае Милосрдното лице Божјо. Тоа што треба да остане од оваа година до крајот на нашиот живот е навистина ликот на Добриот Бог во нашето лице, односно во нашиот начин на живеење. Христијанството е повикано, на толку многу луѓе кои се гладни за Бога, не само да го навестува туку и да го покажува лицето на Бога. Ако ја сумираме сета објава која ја објави Господ Исус Христос, тогаш доаѓаме до заклучок дека: го објави Отецот. Самиот рече: „Кој Ме видел Мене, Го видел Отецот, бидејќи Јас и Отецот сме едно“. Исто така, кој нѐ гледа нас христијаните – треба да доживее средба со Божја слика. Денес на луѓето не им требаат зборови туку сведоштво на таа вистина. Со тој празник завршуваат јубилејните опрости, но колку во стварноста сме ги прифатиле ќе се види на крајот од нашиот живот.

  1. „Доколку сте го направиле тоа за еден од овие Мои најмали браќа, за Мене сте го направиле“ (Мт 25,40)

Светиот Отец папата Франциск во писмото со кое ја навести Годината на Божјото милосрдие завршува со таканаречените духовни и телесни дела на милосрдието. Традицијата на Црквата ги набројува овие телесни дела на милосрдието: гладните нахрани ги, жедните напој ги, голите облечи ги, патникот прими го во својот дом, болните посетувај ги, заробените и прогонетите помагај ги, мртвите погребувај ги. Друга група се таканаречените духовни дела на Милосрдието кое Црквата ги познава а тоа се: грешникот укори го, неукиот поучи го на добро, тој што се колеба советувај го на добро, тажниот утеши го, неправдата поднесувај ја трпеливо, навредите опростувај ги, за живите и за умрените моли се на Бога.

Св. Иван од Крстот познат мистик пишува: „во приквечерието на животот ќе бидеме судени според љубовта“. Чудно звучи, но е голема вистина дека дарот што оваа година Бог ни го подари – прогласувањето на Мајка Тереза за Светица – покажува дека тоа е вистина: да бидеме судени според љубовта – е единствена смисла на нашиот живот. Ако било кој, тогаш ние сме повикани да ја почитуваме, следиме и да ја молиме за застапништво. Можеби во животот нема секој да има прилика да ги исполни сите дела на милосрдието, но тешко на оној ден кој ќе мине без никакви дела на милосрдието. Тој ден е изгубен.

Да молиме со св. Мајка Тереза:

 Драги Исусе,

Помогни ми насекаде да ширам

мирис на Твојата Љубов.

Преплави ми ја душата со својот дух

и својот живот.

Обземи го целото мое битие,

така да мојот живот

биде само одраз на Твојот живот.

Опсипи ме со својата светлина,

и секого кого сретнам

ја почувствува Твојата присутност

во мојата душа.

Нека го подигне погледот

и нека не ме види мене,

туку само Тебе, Исусе!

Остани со мене,

да светлам како Ти,

и да бидам светлина на другите.

Таа светлина, Исусе,

доаѓа од Тебе,

а не од мене;

Ти преко мене

светлиш на другите.

Дај да те славам

така како ти најмногу сакаш –

осветлувајќи ги луѓето околу себе.

Дај да те проповедувам

без проповедување,

не со зборови, туку со пример,

со привлечна сила,

со љубезно влијание на твоите дела,

со очигледна полнота на љубовта

со која моето срце гори за Тебе.

Амин.

Нека ве чува Семоќниот Господ Бог, Отецот и Синот и Светиот Дух. Амин.

Ваш бискуп

+ Киро Стојанов

к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Вера, Колумни, Проповеди

За авторот