Во продолжение донесуваме хронолошки приказ за Страстната седмица од славното влегување на Господ Исус Христов во Ерусалим до неговото славно Воскресение.
Недела: Исус влезе славно во Ерусалим и плачел за него. Ноќта се вратил во Витанија и таму преноќил.
Велики Понеделник: Исус се враќа во Ерусалим, ја проколнува смоквата, ги гони трговците од храмот и повторно вечерта се враќа во Витанија, а таа вечер, Марија, сестрата на Лазар и Марта, ги помазува нозете Исусови со скапоцено миро (Иван 12,1-11)
Велики Вторник: Исус се враќа во Ерусалим, ги замолкнува фарисеите, книжниците и садукеите, ја кажува параболата за двата сина, кои таткото ги праќа во лозјето, за лозарите убијци, за свадбената гозба, го држи својот говор за последните настани, како и општиот суд.
Велика Среда: Првосвештениците, книжниците и старешините народни се собраа во дворот на првосвештеникот, по име Кајафа и се советуваа како да Го фатат Исуса со измама и да Го убијат. Јуда ја нуди својата соработка.
Велики Четврток: Исус ги праќа Петар и Иван да ја подготват пасхата. Околу 18-19.00 часот Исус ја јаде пасхата, околу 19-20.00 часот ја воспоставува Евахристијата и потоа долго се задржува во разговор со своите ученици, ставајќи им ги на срце последните завети и молејќи го Отецот за себе и за сите свои.
Околу 21.00 часот со апостолите ја напушта салата на последната вечера и прстигнува во Гетсиманската градина. Околу 22.00 часот Исус во смртна агонија во Гетсиманија поти со крвава пот. Околу 23.00 часот Јуда го предава Исус, кој ќе биде фатен и одведен во дворот на првосвештеникот.
Велики Петок: Помеѓу полноќ и 3.00 часот наутро Исус е одведен пред Кајафа, а подоцна го осудуваат на смрт. Потоа следува одрекнувањето на Петар.
Околу 6.00 часот наутро Исус е повторно пред Синедрионот. Јуда умира целиот во очај. Околу 7-8.00 часот Исус прв пат е одведен кај Пилат во судницата. Околу 8-9.00 часот Пилат го праќа кај Ирод, кој ќе му се потсемва на Исус…
Помеѓу 9 и 11.00 часот Исус повторно е одведен кај Пилат, каде што ќе биде камшикуван и окрунет со трнов венец.
Околу 11.00 часот Исус е осуден на смрт, да биде распнат. Следува патот до Голгота, а околу 12.00 часот Исус е прикован и воздигнат на крстот. Околу 15.00 часот Исус ќе повика на цел глас, а потоа ќе ја наслони главата и ќе издивне.
Велика сабота: Сите го почитуваат саботниот одмор
Недела: Христос воскреснува, се објавува на Марија Магдалена, побожните жени, на Петар, учениците во Емаус, на апостолите во салата на последната вечера.
Преземно од ФБ/к.мк