Размислување за Првото послание на свети апостол Павле до Коринтијаните (9, 12-14)
Свети Павле видно е загрижен околу духовната и телесната состојба кога се работи за евангелизација на народите. Тој, апостол на народите, за да не биде терет на христијанската заедница работел за своја издршка. Но не ја исклучува издршката и од страна на заедницата, велејќи: Ако други имаат дел во она, со што располагате вие, тогаш колку повеќе ние? (1 Коринтјаните 9,12) Свети Павле е подготвен и да се откаже од тоа право, само и само да не му наштетат на Христовото Евангелие. Понатаму додава дека тие што свештенодејствуваат да се хранат од светилиштето и кои служат на жртвеникот делат со жртвеникот.
И Исус го вели истото, тие кои го проповедаат Евангелието имаат право на издршката. Тие се занимаваат со правење добро на човечките души, и затоа Исус вели: работникот ја заслужува својата награда.
Христовите свештеници се избрани луѓе кои му принесуваат Литургии прославувајќи го небесниот Отец, зашто Бескрвната жртва е најдобрата прослава на Бога. Служењето света Литургија не е ништо друго туку повторување на Христовата крвна жртва на Голгота, сега на бескрвен начин. Со служење света Литургија свештениците најубаво ја пренесуваат нашата благодарност, молба кон небесниот Отец. Можеме слободно да додадеме дека светата Литургија е најуспешна молба, зашто преку неа свештениците го молат Бога во името Христово, кој ни даде сигурност дека таквата молитва ќе биде секогаш услишена: Што и да побарате од Отецот во мое име, Тој ќе ви даде. Тоа драги читатели се добива најдобро тогаш кога Го држиме Бога во своите раце во Пресветата Евхаристија.
Нам ни преостанува да ги молиме свештениците да принесуваат свети. Литургии за нашите потрби:
-за душите на починатите
-за здравје на нашите души и тела
-за благодарност за некои добиени дарови
-за разбирање меѓу луѓето
-за врховниот поглавар на универзалната црква, за локалниот епископ, за нашиот народ и за сите нашите потреби
Размислување за Светото Евангелие од Матеј (18, 23-35)
Светиот апостол Јаков во своето послание (5, 2-4 )вели: Богатството ваше изгни, а алиштата ваши молци ги изгризаа. 3. Златото ваше и среброто ви за’рѓа и ‘рѓата нивна ќе биде сведоштво против вас и ќе го изеде телото ваше како оган: сте собрале богатство за последните дни. 4. Ете, платата, што сте ја задржале од работниците, кои работеа на вашите ниви (н.з. фабрики, продавници…), и извиците на жетварите дојдоа до ушите на Господа Саваот.
Секому своето, само тогаш ќе има правда и праведен развој. Дај му задоволство на твојот вработен, така твојата заработка ќе биде двојна. Среброљубството раѓа во човекот лоши навики, секогаш тие луѓе го бараат својот интерес, но дали тоа ги прави среќни? Мотивацијата можа да биде и несвесна. Меѓу другите еден од парољубците бил и Јуда, кој за ситна сума го предаде Господа.
Константин Велики еднаш дал добра поука: Тој го зел својот меч и на земјата нацртал линија 2 метри со 1 метар и му рекол на својот пријател: Тоа е се што ќе ни остане. Зошто си толку среброљубец? Спокојството на совеста е многу поважна отколку што можат да го дадат материјалните средства.
Се раскажува дека фараонот Зезостер, победувајќи ги своите непријатели, наредил да се товари сето нивно злато и сребро и победените цареви. Еден од нив се загледал во тркалата од кочиите и го запрешал фараонот зошто цело време гледа таму и добил ваков одговор: Кога гледам како се тркалат тркалата си мислам во себе, колку бргу горниот дел од тркалото се симнува доле, а долниот со иста брзина се искачува горе. На таков начин си го објаснувам краткото твое задоволство: Денес си на врвот од твојата слава, а веќе утре ќе бидеш победен…
Немилосрдниот слуга за кого слушнавме во светото Евангелие бил осуден од својот господар не заради тоа што имал богатство, туку заради тоа што немал разбирање за потребите на својот ближен. Ние како христијани, следејќи ја Христовата наука, простувањето треба да ни биде во пракса, всушност Христовата наука е наука на простување, љубов на ближните, а Христос уште ни укажува да ги сакаме и да се молиме за тие кои не мразат, кои не прогонуваат…
Драги читатели мораме едно да знаеме, Бог не го одудува богатството, туку неговата немена и како се користиме со стекнатото богатство. Ако ни служи за уништување на нашата душа или за нашето тело, тогаш подобро да го немаме. Богатството нека ни биде благослов, а не проклетство.
Меѓу Христовите апостоли имало доста богати луѓе кои служеле на апостолите со своите имоти. Крај на крај Црквата не е собир на сиромаси, туку на верници.
Се на светот му припаѓа на Господ. И ние што добиваме, добиваме се од Него да го користиме за подолго или пократко време. Колку луѓе има во историјата на христијанството што го оставиле своето матеројално богатство за да му служат на Господ во сиромаштија и на ближните во потреба. Да се молиме секој ден да ни ги прости нашите грешки, како што и ние им ги проштеваме грешките на нашите должници. Затоа најнапред да го бараме царството Божјо и неговата правда и сѐ друго ќе ни се придодаде. Амин
о. Спасо Ристов/к.мк