Светиот Отец: Да молиме заедно како би го измолиле оној мир од Господарот на небото, кој овоземските моќници сѐ уште не успеале да го пронајдат
Папата Фрањо и поглаварите на Црквите и христијанските заедници од Блискиот Исток во сабота утрото, 7 јули 2018 година пристигнаа во италијанскиот град Бари, кој е како „широк отворен прозорец кон Блискиот Исток“. Во тој град на „средба и прифаќање“ ги носиме во срце „своите Цркви, народи и многу луѓе кои живеат во услови на големи страдања“ – рече Папата во воведот на екуменската молитва за мир. Од кружниот тек на брегот, видеокругот и морето нѐ поттикнуваат да го живееме овој ден со разум и срце упатени кон Блискиот Исток, крстосницата на цивилизации и колевка на големите монотеистички религии.
Таму нѐ посети Господ, „младо сонце од висините“ – рече Светиот Отец и продолжи: Од таму во целиот свет се рашири светлото на верата. Таму извирале свежи извори на духовност и монаштво. Таму се чуваат единствените стари обреди и непроценливото богатство на сакралната уметност и теологија, таму се наоѓа наследството на големите Оци на верата. Таа традиција е богатство, која треба да се чува со сите сили, бидејќи на Блискиот Исток се корените на нашите сопствени души.
Но, во тој прекрасен крај за жал има многу знаци на разрушување – рече Папата и додаде: Посебно последните години се навлече густ облак како темнина: војна, насилство и разрушување, окупација и облици на фундаментализам, присилна миграција, а пред сето тоа многумина молчат и учествуваат. Блискиот Исток стана земја на луѓе, кои ја напуштаат својата земја. Опасноста е од тоа подрачје да исчезнат нашите браќа и сестри во вера, со што ќе се нагрди самото лице на верата, бидејќи Блискиот Исток без христијани не може да биде Блиски Исток.
Папата потоа објасни дека христијаните се светло на светот, „не само кога сѐ наоколу блеска, туку и во најмрачните моменти од историјата не препуштајќи се на темнината, која ги обвива сите, и со елејот на молитва и љубов го подржува фитилот на надежта.
Потоа Светиот Отец упати молитва за мир: Да молиме заедно како од Господарот на небото би го измолиле оној мир, кој овоземските моќници сѐ уште не успеале да го пронајдат. Од реката Нил до Јорданската долина и пошироко, преку реката Оронт до Тигар и Еуфрат, довикува крикот од псламот: „Мир со тебе!“ За браќата кои трпат и пријателите од сите народи, да молиме: Мир со вас! Со псламистот посебо молиме за Ерусалим, светиот град од Бога љубен и од луѓето ранет, над кој сѐ уште Господ плаче; Мир на тебе!
„Нека биде мир“, молеше папата Фрањо спротивставувајќи се на тој начин на знаците на омраза и смрт. Рамнодушноста убива и ние сакаме да бидеме глас кој се спротивставува на убиство на рамнодушноста. Сакаме да дадеме глас на оние кои го немаат, оние кои само може да голтаат солзи, бидејќи Блискиот Исток сега плаче, страда и молчи, додека другите го газат, барајќи моќ и богатство. За децата, за оние едноставните, ранетите, за оние на чија страна е Бог, да молиме: Нека биде мир! – заврши Светиот Отец.
Ватиканњуз/к.мк