Папата: Со ѓаволот не се разговара

Папата: Со ѓаволот не се разговара

Не смееме да се приближуваме до ѓаволот, ниту пак да разговараме со него, затоа што тој е „опасен губитник“, кој заведува и како бесно куче на синџир гриза ако се милува – предупреди папата Фрањо на светата Литургија во вторник 8 мај 2018 година , која ја служеше во домот Света Марта и додаде: ѓаволот не е мртов, туку е осуден.

Можеме да кажеме дека умира, но како и да е, ѓаволот е „губитник“ рече Папата и објасни: Не е лесно да се увери во тоа, бидејќи е заводник, знае што треба да ни каже и на нас ни се допаѓа да бидеме заведени.

Тој ја имаа таа способност за заведување – рече Светиот Отец и продолжи: Поради тоа тешко е да се разбере дека е губитник, бидејќи се претставува со голема моќ, ветува многу работи, донесува прекрасно завиени дарови, но не се знае што има внатре. Нѐ заведува со пакет кој однадвор изгледа прекрасно, но не ни покажува што има внатре. На нашата суета и љубопитност знае да ги прикаже своите понуди

Ловџиите велат дека не е добро да се приближиш до крокодил кој мрда, бидејќи сѐ уште може да убие со удар од опашот. Така е и ѓаволот, кој е многу опасен, се претставува со својата моќ; сите негови понуди се лажни, но ние му веруваме – рече папата Фрањо и истакна: Ѓаволот е голем лажливец, татко на лагата. Знае добро да зборува, може дури и да пее за да заведе; тој е губитник, но се однесува како победник. Неговото светло блеска како огномет, но не трае, туку бледее, додека Господовото светло е благо, но трајно.

Ѓаволот нѐ заведува, знае да допре до нашата суета и љубопитност, а ние купуваме од него сѐ што ќе ни понуди, паѓаме во искушение. Мораме да бидеме внимателни кон ѓаволот, како што вели Исус: бдеејќи, молејќи и постејќи. Така се победува искушението, бидејќи е како бесно куче на синџир, кое не смее да се милува, бидејќи гриза.

Мораме да бидеме внимателни и да не разговараме со ѓаволот, како што направила Ева – потсети Светиот Отец. Мислела дека е голем теолог и паднала. Исус не прави така, во пустината одговара на ѓаволот со Словото Божјо. Ги истерува злите духови, понекогаш ги прашува за името, но не разговара со нив. Со ѓаволот не се разговара, бидејќи е попаметен од нас и ќе нѐ победи – предупреди папата Фрањо.

Ѓаволот е осуденик и губитник, умира окован во синџири, но е способен да уништи. Мораме да молиме, да правиме покора, да не се приближуваме и да не разговараме со него. На крајот треба да одиме кај мајката, како што тоа го прават децата. Кога децата се плашат, одат кај мајката; кога сонуваат, одат кај мајката. Треба да одиме кај Богородица, таа нѐ чува. Црковните оци, посебно руските мистичари велат: во време на духовни потешкотии, потребно е да прибегнеме под покоровот на големата Мајка Божја. Одете кај Мајката! – поттикна Папата и заврши: Таа нека ни помогне во борбата за да го победиме поразеното „куче во синџири“.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот