Изборот на Папата и неговото послание секогаш се дар за Црквата и за човештвото, чие духовно и црковно значење мора да се набљудува, проценува, исчитува во светлината на верата и делувањето на Провидноста – рече Папскиот државен секретар кардинал Пиетро Паролин, во разгвор за Радио Ватикан.
Изборот на Папата и неговото послание секогаш се дар за Црквата и за човештвото, чие духовно и црковно значење мора да се набљудува, проценува, исчитува во светлината на верата и делувањето на Провидноста – рече Папскиот државен секретар кардинал Пиетро Паролин, во разгвор за Радио Ватикан зборувајќи по повод петтата годишнина од неговиот понтификат за најзначајните обележија од учителството на папата Фрањо. Кардиналот рече дека најважните документи на папата Фрањо директно или индиректно упатуваат на радоста: Evangelii gaudium, Amoris laetitia, Laudato si. Би кажал дека токму радоста е ознаката на овој понтификат, радоста која очигледно не произлегуваат од невниманието, туку од спознанието да се биде љубен од Господ – рече Папскиот државен секретар.
Друга карактеристика на овој понтификат според мислењето кардиналот Паролин е милосрдието, односно личната и целосната љубов која Бог ја има за секое свое создание и од друга страна радоста на соопштувањето на Радосната вест на другите. Навестувањето на Исусовото спасение станува извор на радоста не само за оние кои ја примаат, туку и за оние кои го навестуваат. Станува збор за радоста која се споделува. Постои трет аспект, а тоа е евангелизацијата, Црквата во излегување која мора да го навести Евангелието на сите созданија – рече кардинал Паролин, напоменувајќи дека тие три карактеристики барем за него се темелни за овој понтификат.
Кардиналот Паролин потсети дека папата Фрањо од почетокот на својот понтификат на ум ја има Црквата во излегување, Црквата во движење, не повикувајќи се на начелото „така било отсекогаш“ за да не се направи чекор напред. Папскиот државен секретар рече дека тој пат води кон поголема верност на Црквата кон својата природа како народ Божји и Тело Христово, и кон поголема делотворност во нејзиното послание за евангелизација. Рече дека тој динамизам кој Светиот Отец го истакна и кој сака да го втисне во Црквата може да биде причината за различни па и спротивставени ставови. Во одредена смисла нормално е секој понтификат да биде подложен на критики – рече кардиналот.
Папскиот државен секретар притоа прави разлика помеѓу агресивни, деструктивни, вистински злобни критики и конструктивните. На тоа додаде дека постојат различни начини како да се реагира и одговори на тие два облика на критики. Што се однесува до агресивните и деструктивните критики преостанува да се прифатат „на крстот“ и да се сметаат за дел од трновитата круна која сите мораме да ја носиме, посебно оние кои имаат одговорност внатре во Црквата и според тоа исто така јавна улога. Овде ништо не може да се направи. Мислам дека никогаш нема да исчезнат, дека секогаш ќе бидат присутни, истакна кардинал Паролин.
Што се однесува до конструктивните критики – продолжи кардиналот Паролин – верувам дека треба да се земат во предвид затоа што можат да бидат од помош, можат да бидат средство за унапредување, па и да се усоврши сопственото служење. Сметам дека конструктувна критика е таа која произлегува од основниот став на љубовта и која е насочена кон градењето на заедништвото во Црквата. Со таквите критики сака да се помогне на Папата подобро да го извршува своето учителство како и своето послание во корист на целата Црква – објасни кардиналот.
Верувам дека желбата на многу луѓе како внатре така и надвор од Црквата, луѓето кои гледаат на папата Фрањо како на важна и значајна личност во современиот свет, е следната: желба Господ да му даде живот, здрваје, сила, храброст за да продолжи да ја води Црквата – рече кардиналот Паролин, завршувајќи го разговорот со зборовите од стара молитва „Deus conservet eum et vivificet eum – Бог нека го штити и нека го чува жив.“
РВ/к.мк