Ваше високо првосвештенство, драги сограѓани, пријатели и комшии, сите вие кои сте љубители на пишуваниот збор, Ве поздравувам!
Се чувствувам необично среќен што имам чест да зборувам за една прекрасна книга, книга надахната од Божјата промисла, книга што толку убаво го доловува животот оти произлегува од животот и ни дава надеж и уверување дека нема ситуација од која не можеме да се извлечеме.
Тоа е книгата Божјото име е милосрдие од папата Франциск.
Ваше високо првосвештенство, драги пријатели,
Книгата Божјото име е милосрдие ја промовираме во јубилејната Година на милосрдието што папата Франциск ја прогласи во ноември минатата година и која за една недела формално ќе заврши.
Книгата истовремено е печатена и објавена во 85 земји во светот и стана достапна и за верниците од помалите земји и јазични подрачја. Тоа е голем гест кој треба да го почитуваме!
Почитувани,
Кога отец Гоце ме понуди да зборувам за оваа прекрасна и многу корисна книга, јас се подзамислив, но сепак, прифатив. За да зборуваш за некој проблем, треба да го дефинираш. Затоа прoверив во повеќе речници што точно значи одредницата милосрдие. Овој лексикографски поим, воглавно, се доближува до суштината, но најубава дефиниција дава папата Франциск кој провејува скоро низ целата книга, а за што ќе се осврнеме подолу, но во секој случај тоа, милосрдието, е првиот Божји атрибут. Тоа е името на Господ.
Оваа книга, всушност, е резултата, плод на повеќе интервјуа дадени од папата Франциск на познатиот ватиканист Андреа Торниели во резиденцијата на папата, во Домот на Света Марта во Ватикан. Искажани со еден лесен стил, напоени со живот и Божја промисла, овие интервјуа се читаат и приемат како нешто што ќе ни прирасне за срцето и ќе го примаме и прифатеиме со разбирање. Овде нема филозофија и висок стил. Јазикот е од народните низини, а темите толку познати од Библијата и секојдневниот живот.
Книгата има 126 страници. Како мото е земен дел од Евангелието според Лука 18, 9 – 14, прекрасен текст што ја најавува содржината на книгата. Потоа имаме едно бриљантни обраќање до читателите од Андреа Торниели, каде се зборува за погледите на папата Франциск, што, всушност е вовед во книгата што е предмет на нашето излагање. Во ова свое обраќање, Андреа Торниели се осврнува на проповедта што ја одржал папата, зборувајќи без напишам текст: Пораката на Исус е милосрдието. За мене, тоа го велам понизно, тоа е најсилната порака на Господ. Притоа, врховниот поглавар коментирал извадок од Евангелиото според Иван во кое се зборува за жената фатена во прељуба, жената што книжниците и фарисеите се подготвувале да ја каменуваат. Познат ни е тој расказ; знаеме дека Исус ѝ го спасил животот побарувајќи од присутните оној, кој е без грев, да го фрли првиот камен. Сите си заминале. Останале само таа и Исус: Ниту јас не те осудувам. Оди си и немој повеќе да грешиш. (8, 11). Алудирајќи на книжниците и фарисеите што ја одвлекле жената за да биде каменувана, папата рекол: И нам понекогаш ни се допаѓа да ги напаѓаме другите, да ги осудуваме другите. Притоа тој подвлекол дека …Првиот и единствениот чекор што се бара за да го искусиме милосрдието, е да признаеме дека имаме потреба од милосрдието. Овие свои размисли и постулати папата ги илустрира со бројни примери од својата пракса, што добронамерниот читател ќе го дознае кога ќе ја има во рацете оваа убава и толку корисна книга. Само ќе подвлечам дека на овој извадок од цитираното Евангелие папата Франциск се осврнал уште еднаш, за време на една утринска миса во капелата на Домот на Света Марта, при што ја доверил својата трогнатост пред оваа евангелиска страница: Бог простува не со декрет, туку со милување. И со милосрдие. Исус оди уште подалеку од законот и простува милувајќи ги раните на нашите гревови. На таа утринска миса папата Франциск се осврнува и на поимот на милосрдието и се искажува дека Милосрдието е тешко да се разбере: тоа не ги брише гревовите , зашто гревовите ги брише Божето проштевање. Но, продолжил папата, …милосрдието е начин на кој Бог проштева. Во случајот со прељубницата, Исус оди подалеку, продолжил со коментарот папата, и ѝ советува на жената повеќе да не греши. И тука се гледа милосрдното однесување на Исус: го брани грешникот од непријателите, го брани грешникот од една праведна пресуда.
По завршувањето на оваа миса, Андреа Торниели договара интервју со папата Франциск кој се согласил да одговори на серија прашања и така се роди оваа преубава книга.
Книгата се состои до девет поглавја што се цврсто кохезионо поврзани:
I Време на Милосрдието
II Дар на исповед
III Да се бара секоја пукнатина
IV Грешник како Симон Петар
V Премногу милосрдие?
VI Пастири а не книжници
VII Грешници да, расипани не
VIII Милосрдие и сочувство
IX За да го живееме јубилејот
Во првото поглавје папата Франциск, одговарајќи на прашањето како се родила желбата да прогласи Јубилеј на Милосрдието, одговара дека Не постои некој посебен или определен факт, туку дека тоа е дар од Божјата промисла, дека …тоа се работите на Господ што се чуваат во молитвите. Тој верува дека времето во кое живееме е време на милосрдието и подвлекува дека Црквата го покажува своето мајчинско лице, своето лице на родителка на напатеното човештво. Во таа смисла папата се признесува дека Црквата не чека страдалниците да чукнат на нејзината врата, туку таа да излезе меќу луѓето, да ги бара по улиците и да ги прибира и негува, пренесувајќи им ја својата љубов. Во овој дел од своите размисли Неговата светост, папата, користи бројни цитати од некои негови претхпдници и црковни филозофи, притоа апострофирајќи го папата Бенедикт XVI кој зборувал дека Милосрдието е всушност средишното јадро на евангелската порака.
Папата Франциск своите искази ги илустрира многу сликовито: тој Црквата ја претставува како полска болница каде што се лекуваат особено најтешките повреди. Тој се зазема за црква што ќе го згрее срцето на луѓето со доближувањето и блискоста.
Одговарајќи на прашањето Што е за Вас милосрдието? – папата Франциск со ерудиција што восхитува, го објаснува поимот милосрдие од повеќе аспекти: етимолошки, религиозен, филозофски, социолошки. Бидејќи овој дел е суштински и задира длабоко во проблемот на темата, одговорот на Неговата светост Папата Франциск ќе го цитирам во поголем дел:
Етимолошки, милосрдието значи да се отвори срцето кон мизерниот. И веднаш одиме кај Господ: милосрдие е Божјо однесување што прегрнува, тоа е предавање на Гоиспод кој прима, се наведнува да прости. Христос рекол дека не дошол поради праведните, туку поради грешните. Не дошол поради здравите, кои немаат потреба од лекар, туку поради болните. Поради тоа може да се рече дека милосрдието е лична карта на нашиот Бог. Бог на милосрдието, милосрден Бог. Во натамошниот текст ова свое искажување папата го поткрепува со примери од Библијата, конкретно со 16. поглавје од Книгата на Езекил.
На прашањето Зошто, според Вас, нашето време и нашето човештво имаат толку голема потреба од милосрдие? – следува одговор дека денеска човештвото е срадално и дека носи длабоки рани. Човештвот е немоќно, не знае како да ги лекува тие рани. И не станува збор само за болестите на општеството и за луѓето погодени од сиромаштијата, од исклучување од општеството, од многубројните ропства на третиот милениум. И заклучува дека човештвото има потреба од милосрдие.
На овие со Божја промисла надахнати искажувања на папата би додал еден текст што го најдов во еден електронски блог кој во потполност го потврдува искажувањето на папата Франциск:
..Животот е, денес, невидливо изгризан со уморот од секојдневната бркотница за да се заработи и за себе, и за своите и за стопаните околу себе. Тој, животот, е претворен во сивило и во отупен збир на празни желби и халуцинации за благосостојба и на плитки и банални емоции за ситост, наспаност и сексуално задоволување. Во таа и таква сива и уморна немоќ, проследена со убиствена меланхолија заради осаменоста и прегазеноста од своите соседи, комшии, роднини, газди и политички предатори, да бидеш „насмеан“ и „тих“, што би рекол поетскиот горостас Сергеј Есенин, „е најголема уметност во светот.
Во второто и третото поглавје папата зборува за исповедувањето и умешноста на свештениците при реализирањето на овој чин. Во тој контекст тој ја потенцира особено улогата на свештениците, повикувајќи се на Евангелието според Иван (20, 23) На кои ќе им ги простите гревовите, ќе им се простат; а на кои ќе им ги задржите, ќе им се задржат. Развивајќи ги своите размисли, папата ќе подвлече дека простувањето има и општествена страна. Во таа смисла се подвлекува и фактот дека свештениците треба да внимаваат на своето однесување при чинот на исповедта и да не поставуваат прашања што ќе го вознемират верникот кој дошол да си ја отвори душата и да побара прошка. Папата советува да не се застане при простувањето, туку да се бара и најмалата пукнатина во оклопот на срцето и душата за да може да се внесе искрата на покајувањето. Во таа смисла многу е пластичен примерот со заробениот германски војник кој требало да биде стрелан, а не сакал да се покае за своите гревови.
Низ страниците на ова книга ќе сретнеме и филозофски размисли, но и практични кажувања и укажувања. Неговата светост не дава стереотипни дефениции. Тој не кажува грев е тоа и тоа. Не, тој само кажува дека сите сме грешни поради постоењето на исконскиот грев. И толку. Од таа состојба не се изема дури ни самиот себе. Целата книга е испреплетена со осветлувањето и практикувањето на милосрдието. Во тие размисли се јавуваат антагонистички гледишта – колку и кому да се простува, гледишта филозофски и социолошки, па ако сакате и морално спротивставени. Интересен е примерот со учениците од едно училиште од Северна Италија. Некој наставник по веронаука на учениците од своето одделение им ја објаснувал познатата приказна за загубениот син. Ние ја знаеме библиската приказна. Учителот на учениците им дал задача со свои зборови да ја раскажат приказната. Особено го интересирало крајот, како ќе реагираат децата, што ќе напишат. Крајот што најголемото мнозинство од учениците го одбрале бил следниот: таткото го прима „загубениот син“, строго го казнува и го остава да живее со неговите слуги. Така ќе научи да не го растура имотот на сенејството…
Ислушувајќи го ова, бидејќи му било поставено како прашање, папата рекол дека ова е човечка реакција. Реакцијата на постариот син е човечка. Но Боќјото милосрдие е божествено. Папата знае дека дури и во Црквата има луѓе кои зборуваат: премногу милосрдие! Црквата мора да го осуди гревот…
Црквата го осудува гревот зашто мора да ја каже вистината: ова е грев. Но во исто време го прегрнува грешникот што го признава гревот, му се доближува, му зборува за бескрајното Божјо милосрдие. Исус им простил дури и на оние кои го распнале на крстот и го презирале.
Во седмото поглавје од книгата насловено како Пастири, а не книжници, папата одговара на повеќе прашања, меѓу кои и на тоа, дали може да постои милосрдие без признавањето на сопствениот грев. Елаборирајќи го ова прашање, папата одговара дека милосрдието е тука, постои, …но ако ти не сакаш да го примиш… Ако не се чувствуваш како грешник значи не сакаш да го примиш. Тој на овој проблем се задржува и одговара малку поопширно, потенцирајќи дека многу е важно … да го сичуваме сеќавањето, да не заборавиме од каде доаѓаме, што сме, нашата ништожност. Важно е, потенцира папата, да не веруваме во сопствената самодоволност.
Во понатамошниот текст, папата Франциск, преку сопствени согледби и преку примери од светци и Негови претходници, предупредува за опасноста од суетата на самодоволност. Скоро низ целата книга провејува мислата и залагањето на папата Франциск дека во секој поглед треба да се почитува личноста и достоинството на вернијот и луѓето воопшто. Во таа пригода тој се служи со еден пример што лично го доживеал. Се однесува на една жена која, останата сама со неколку деца, работела било каква работа, а кога немало што да работи, се занимавала и со проституција. Тој тоа го знаел, но сеедно ѝ помагал. Еден ден таа дошла во неговата канцеларија да му се заблагодари. Кога ја примил, ја прашал дали го добила пакетот. Тој мислел дека дошла да се заблагодари на помошта што ја делеле преку фондацита „Каритас“. Ќе го цитирам овој интересен разговор: „Го добивте ли?“, ја прашав. А таа: „Да, да, Ви благодарам и за тоа. Но јас дојдов тука да Ви се заблагодарам особено за тоа што Вие никогаш не престанавте да ми се обраќате со „госпоѓо“. Тоа се искуства од кои ќе научиш колку е важно да се однесуваш со почит кон оној кој е пред тебе, да не го повредиш неговото достоинство.
Во ова поглавје папата се произнесува и за хомосексуалците, потенцирајќи дека и тие се луѓе и дека не треба да се наргинилизираат.
Во седмото поглавје Грешници да, расипани не,папата Франциск се осврнува на повеќе теолошки и филозофски прашања што муи ги поставувал Андреа Торниели. Меѓу другото тој поставил прашање аков однос постои меѓу милосрдието и правдината, апомнувајќи ја притоа булата од папата издадена при прогласувањето на Годината на Милосрдието, каде, меѓу другото стои: Кога Бог би се задржал на правдината, би престанал да биде Бог, би станал како сите луѓе што бараат почитување на законот. Правдината сама по себе не е доволна, а искуството не` учи дека ако се повикуваме само на неа, тоа може да доведе до опасност да ја уништиме.
Одговарајќи на ова прашање, папата цитира делови од Мудроста Соломонова 12, 18-19) и констатира дека милосрдноста е важен, неопхпден елемент во односите меѓу луѓето. Мерата на правдината сама по себе не е доволна. Со милосрдието и проштевањето Бог оди отаде правдината, ја присоединува и ја надминува во еден повисок настан во кој се искусува љубовта која е основа на вистинската правдина.
Во ова поглавје папата ја коментира и разликата меѓу гревот и расипаноста, при што потенцира дека Расипаноста е грев што, наместо да биде препознанен…се воздига во систем, станува ментален склоп, начин на живот…Покајаниот грешник, што потоа повеќепати повторно паѓа во гревот поради сопствената слабост, пак ќе најде простување, ако признае дека има потреба од милосрдие. Расипаниот, пак, е оној што греши и не се кае, оној што греши и се преправа дека е христијанин и со својот двоен живот соблазнува.
На крајот од ова поглавје папата се осврнува на семејството, потенцирајчи дека тоа е …првото училиште на децата, тоа е неодменливо упориште на младите, тоа е најдоброто засолниште на старите. Додавам дека семејството е и првата школа на милосрдието, зашто сме сакани и учиме да сакаме, ни простуваат и учиме да простуваме.
Во следните и последни две поглавја од ова книга се зборува за милосрдието и сочувството за Јубилејот на милосрдието.
Веше високо првосвештенство, почитивано присутни!
Може ли во еден тесен временски период од 10-15 минути да се каже сѐ за книга од ваков голем духовен и литературен формат? Моето скромно искуство вели дека не може, затоа вистинското поемање и духовната наслада ја препуштам вам, драги присутни, што ќе ја допживеете кога ќе ги читате овие светли, со божествена промисла надахнати страници.
Пишувана со еден вонредно јасен и читлив јазик, обогатена со стилски изразни средства, книгата Божјото име е милосрдие ќе допре до свеста и срцето на секој оној, кој внимателно ќе ја прочита.
Ви благодарам за вниманието со кое ме слушавте!
Амин!.
проф. Иван Котев
к.мк
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма за умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк