Папата ги поздрави вработените во Обединетите нации

Пред говорот во Генералното собрание на Обединетите нации, Светиот Отец во краток разговор се заблагодари на вработените кои работат во Стаклената палата во Њујорк.

Вие кои тивко работите – службеници и секретари, преведувачи и толкувачи, хигиеничари и готвачи, техничари и обезбедувачи – овозможувате многу дипломатски, културни, економски и политички потфати на Обединетите нации – рече папата.

Вашиот труд придонесува за подобрување на Обединетите нации и за вас лично, затоа што тоа е отчет на вашето достоинство. Многу од вас доаѓаат од држави од целиот свет и како такви вие сте микрокосмос на народите кои Организацијата ги претставува и на кои настојува да им служи. Како и многумина во светот и вие сте загрижени за благосостојбата и воспитувањето на своите деца. Во срцето ви е иднината на планетата, како и тоа каков свет ќе оставиме на идните генерации – истакна Папата.

Би сакал секој од вас да го охрабрам, секој според своите можности, секогаш да се грижите еден за друг, еден кон друг да бидете блиски, взаемно да се почитувате и така во себе да го оставрите идеалот на Организацијата: обединето човечко семејство, кое живее во согласност, кое во мир работи за мир, во духот на рамноправноста за праведност- рече Светиот Отец додавајќи:

Драги пријатели, секој од вас од срце го благословувам. Ќе молам за вас и вашите семејства, а секој од вас го молам да се сети да моли за мене. А ако некој не е верник, го молам да ми посака добро. Бог ве благослови! Ви благодарам- заврши Светиот Отец.

РВ/Б.Р.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк.
Категорија: Ватикан

За авторот