124 години од основањето на Општеството на сестрите Евхаристинки

На 21 април 1889 година е основано Општеството на Сестрите Евхаристинки, единствен женски монашки ред од Источен обред во Македонија. Отец Јосиф Алоати и сестра Еврозија Алоати, основателите на Сестрите Евхаристинки, беа луѓе со длабока и искрена вера. Овие две христијански души, повикани од Бог во одреден историски момент за конкретна цел, оставија на овие простори свој траен белег. Белег и трага на едно вистинско сведочење за Исус Христос со дела.

Кои беа о. Јосиф и сестра Еврозија Алоати? О. Јосиф Алоати е роден на 20 јули 1857 година, а неговата сестра Еврозија на 4 мај 1859 година во Виластоне, близу Торино, Италија. Потекнуваа од добро, набожно и со вера исполнето семејство. Нивните родители Петар и Катерија Алоати посветиле на Бога пет деца, двајца свештеници кои припаѓале на Лазаристите и три чесни сестри.

Уште во своите млади години, о. Јосиф чувствувал длабока желба во себе, целосно да му се посвети на Господ. Во 1882 година бил ракоположен за свештеник и припаѓал на отците Лазаристи. Неговото гесло било: „Да љубам, да страдам, да вршам сè и да сакам само тоа што Бог сака“. Преку целосното себедарување на Бог о. Јосиф конечно почувствувал што значи да се биде целосно среќен и исполнет човек. Служењето на Бога и на ближниот за него ќе биде духовна храна, која ќе му помогне во неговиот животен пат во верата и во постигнувањето на совршенството. Од своите претпоставени во 1882 година о. Јосиф бил испратен во нивната мисија во тогашниот центар на Македонија, односно престолнина, Солун. На ова тој гледа како на Божја волја: „Штом е Божја волја, ќе ја прифатам со радост и со задоволство ќе ја исполнам“, ќе рече тој. Она што историјата ќе го докаже е дека о. Јосиф ја спознал вистинската Божја волја и делувал спрема неа.

Од она што можеме да го прочитаме во книгата „Благородното дело на о. Јосиф Алоати и сестра Еврозија Алоати“, е дека и двајцата биле многу слични по карактер, и затоа не случајно тие биле многу приврзани еден на друг. Еден во друг тие гледале пример кон она што е добро, кон она што е благородно. Еден во друг тие гледале пример на растење во верата. Меѓутоа тоа растење во верата и кај двајцата се случувало постепено, постепено и секојдневно напредување по патот на совршенството.

Како млада девојка, верскиот живот на Еврозија бил исполнет со голема ревност и жар. И тоа придонело нејзината љубов кон Пресвета Богородица да расте од ден на ден се повеќе. Световните забави и радости, световниот начин на живот не го привлекувале и не го исполнувале срцето на младата Еврозија. Нешто друго ќе го исполни нејзиното срце: Пресветата Евхаристија. Моментите на обожавање на Пресветата Евхаристија, за неа претставуваат моменти на блаженство. Во тие свети моменти таа го слуша Божјиот глас кој ја повикува.

Во младата Еврозија отсекогаш постоела желбата за еден „поинаков живот“, посовршен живот. И таа желба ја следела младата Еврозија од секогаш. Кога човек ја чита биографијата на сестра Еврозија, ќе стане повеќе од јасно дека таа не може и не сака да се задоволи со едно „површно живеење“ на животот. Таа ја бара Божјата слава. Го бара она што може целосно да ја исполни. Уште како млада девојка таа работи на „ослободување“ од земното, од она што ја врзува и заробува. Работејќи на тоа, мислата на монаштвото, мислата за целосно посветување на Бога ќе го обвие и ќе го исполни нејзиното срце.

Светлото не можеше да остане скриено, неговата цел не е да остане тајно, како што можеме да прочитаме и да споредиме во Евангелието по Матеј (сп. Матеј 5,13-16). Тоа мораше да се гледа и тоа мораше да светли и на многумина да им го покажува патот до небесната храна и до изворот од кој тече жива вода.

Преку својот брат кој од 1882 година делувал во Македонија, ќе се створат услови Божјата волја да се покаже во вистинското светло. Преку него младата Еврозија ќе се осигура кој е Божјиот план за неа и што е она што Бог го сака од неа?

„Ти си барала знак од Света Богородица и таа ти го дава преку мене. Оди во Солун и стави се на располагање на твојот брат Јосиф, прави така како што ќе ти каже тој“. Зборовите на свети Иван Боско, ќе делуваат на младата Еврозија како пророштво и како навестување на Божјата волја.

Историските податоци за втората половина на 19 век, или крајот на 19 век се добро познати. На територијата на Македонија владее не само една страшна материјална сиромаштија, туку и страшна духовна сиромаштија, која многу го погодувала о. Јосиф. Тој самиот зборува за „бездна од незнаење“.Сепак иако о. Јосиф зборува за „бездна од незнаење“, тој е вистински оптимист дека со „вистинска насока“ гладните души лесно може да бидат нахранети со небесна храна. Жедните може да бидат доведени до изворот на жива вода од кој што никогаш повеќе нема да ожеднат! Сепак многу поважно од сè, тој „верува“, дека Црквата во Македонија има иднина, според она што тој самиот го пишува: „Овде Божјата нива ќе биде плодна“.

Отец Јосиф го следел примерот на свети Павле. Обиколувал места, навестувал, поучувал…и она што е многу важно сочувствувал во болката и страданието на народот. Во очите на народот тој се здобива го огромна почит, на човек кој неуморно се грижи за Божјото стадо. Помеѓу македонското население тој успеал да развие една плодна апостолска дејност. Како неуморен мисионер тој успеал да го подготви теренот за она што следело „основање на домашна монашка заедница“.

Божјиот поттик на тој историски 25 август 1884 година (моментот кога о.Јосиф го молел Крстниот пат и кога добил спознание дека треба да основа домашна монашка заедница), конечно можел да се оствари. На сцена сега стапува младата, енергична, со љубов и вера исполнета Еврозија, која ќе го понесе товарот на основањето и раководењето со новата заедница. Еврозија останала доследна на своето гесло: „Сакам тоа што Бог сака“. Во оваа каризматична личност, младите девојки ќе гледаат пример, учителка, но пред сè… ќе гледаат мајка. Нејзината „сензибилност“ за „спасението на душите“ не можела, а да не биде видлива за сите оние кои доаѓале во контакт со оваа извонредна личност!

На 21 април 1889 година сите жртви кои се поднесени, сите молитви кои се изречени ќе бидат услишани. Ова е датум кој што не е само од големо значење за Општеството на Сестрите Евхаристинки, туку е од историско значење и за Католичката црква во Македонија. Датум кога е основана новата монашка заедница. Датум за кој о. Јосиф и сестра Еврозија толку многу се жртвувале.

Новото Божјо дело на чело со младата сестра Еврозија, имајќи го за духовен водител о.Јосиф, преку нивната вера во Божјата провидност, брзо се развива и расте. Благодарение на нивната љубов кон ова ново Божјо дело, набрзо може да се отвори сиропиталиште, училиште за девојки, земјоделска колонија за момчиња, аптека за болни итн. Самата заедница доживува еден процвет со нови евхаристиски домови по различни места. Се јавуваат млади девојки, кои гледајќи ја верата на оваа неверојатна личност со енергија каква што секој само може да посака, ќе го откријат Бога во своите души и Неговиот повик. Во нејзината личност тие гледаат пример за вистинско следење на Исус Христос, преку едно потполно предавање на неговата волја.

Кога човек ја чита биографија за о. Јосиф и сестра Еврозија, за нивните неверојатни дела кои ги правеле, за верата која ја поседувале… за храброста која ја имале… сето тоа треба и мора да не воодушевува, но најмногу од се треба да нè воодушевува нешто друго, а тоа е Божјата присутност во нивните животи… нивната исполнетост со Исус Христос.

Отец Јосиф и сестра Еврозија на своите современици ќе остават силен впечаток на луѓе кои пред сè бараат да ја спознаат Божјата волја, а потоа и да делуваат по неа… Во нив имаме извонреден пример, прво на барање и спознавање на Божјата волја, а потоа и делување по истата.

Во оваа Година на верата, о. Јосиф и сестра Еврозија Алоати, можат да ни послужат како вистински пример за нашето растење во верата, можат да ни послужат како пример за тоа, како се сведочи љубовта Христова кон ближниот. Нивниот пример за тоа како треба да се верува и како треба да се предаде човек во Божјите раце мора да стигне до многу луѓе и да им ги отвори очите и срцата за еден поинаков живот, од оној кој што постојано им се наметнува во современото општество на живеење. (с.с.)

Категорија: Македонија, Сведоштва

За авторот

Write a Comment

<