Јужен Судан: Народот се надева на посетата на папата Фрањо

Јужен Судан: Народот се надева на посетата на папата Фрањо

Тоа е уште еден повод за надеж за посета на папата Фрањо и англиканскиот примас Велби на Јужен Судан – рече фрањевецот отец Федерико Гандолфи, мисионер во Јоба, зборувајќи за божиќната порака со честитки до политичките лидери на таа земја, објавена на 25 декември – која папата Фрањо ја потпиша заедно со англиканскиот примас Џастин Велби и о. Џон Чалмерс поранешен модератор на Презвитеријанската Црква на Шкотска. Тие во пораката го повикуваат Кнезот на мирот да ги просветли и да ги води нивните чекори во добрина и вистина, за да им се овозможи нивната сакана посета на таа драга земја.

Мировниот процес во таа земја е многу напорен; малку се оди напред, а потоа пак назад – рече отец Федерико. Многу ни е тешко да ја разбереме политичката состојба, додаде и истакна дека општството сè уште е измачено од сиромаштвото кое меѓу останатото го предизвика граѓанската војна која трае од 2013 година. Такви пораки – за нас мисионерите се многу корисни затоа што не се чувствуваме толку далечни и напуштени, но најмногу добро прават на народот.

Истакнувајќи дека луѓето го чувствуваат папата Фрањо многу близок, затоа што зборува за Јужен Судан и се моли за таа земја, мисионерот рече дека е многу убаво тоа што пастирот на општата Црква успеа да ја искаже таа близина, затоа што дава многу сила на локалната Црква; сила за да оди напред во однос на сето она што создава поделби.

На новинарско прашање каков бил нивниот Божиќ, отец Федерико истакна дека како секогаш тоа беше силен момент во нивниот мисионерски живот. Во божиќното време сме многу зафатени, настојуваме да дојдеме до сите села кои Црквата ни ги доверила, сè до оние одалечените и до 75 километри од нашата парохија. Ни треба повеќе часа за да стигнеме до нив, треба да се поминат повеќе воени контролни пунктови и тие ситуации не се секогаш лесни. Меѓутоа видовме дека божиќниот дух ги обзема и војниците; секогаш ни помагале, а понекогаш дури и нè придружуват во некои мисии. Се надеваме дека и ние ја пренесовме пораката на мирот и помирувањето – рече отец Федерико.

Ватикан њуз/к.мк

 

Категорија: Вести, Свет

За авторот