На 23 февруари 2025 година во Ватиканската базилика се служеше света Литургија за Јубилејот на ѓаконите. Поради хоспитализацијата на папата Фрањо, Евхаристијата ја предводеше надбискупот Рино Физикела, про-префект на Конгрегацијата за евангелизација, кој ја прочита проповедта подготвена од Светиот Отец. За време на Литургијата беа ракоположени 23 нови ѓакони.
Централно место во пораката на Папата беше „најважниот елемент на црковното служење и христијанскиот живот“ – бесплатноста, која се открива во три клучни аспекти: простување, несебично служење и единство.
Размислувајќи за простувањето како составен дел од црковното патување и човечкиот живот, Папата ги цитираше Христовите зборови: „Љубете ги своите непријатели“ (Лука 6,27). Светот изграден на омраза кон противниците е лишен од иднина и надеж, тој е осуден да биде растргнат од бескрајни војни, поделби и одмазда.
„За жал, ова го гледаме денес на многу нивоа и во различни делови на светот. Но, простувањето значи подготовка на пријатен, безбеден дом за иднината – во нас самите и во нашите заедници“.
Ѓаконите, забележува Светиот Отец, се повикани да препознаат во секој човек – дури и кај оние кои предизвикуваат рани – брат или сестра на кои им е потребна помош и помирување. Примери за такво отворено срце се библиските херои: Давид, кој му го поштедил животот на царот Саул, кој го прогонувал, и првомаченикот Стефан, кој им простил на своите гонители.
Највисок пример останува Самиот Христос, кој се моли за неговите убијци и ги отвора рајските порти за благоразумниот разбојник.
Вториот аспект од посланието на ѓаконот е несебичното служење, со кои се исполнуваат Исусовите зборови: „ Туку вие љубете ги непријателите ваши и чинете добро, и на заем давајте, не очекувајќи ништо….“ (Лука 6,35). Ѓаконите се повикани да бидат жива слика на безусловната Божја љубов, бидејќи преку нивното служење го покажуваат на луѓето милосрдното лице на Небесниот Отец.
Папата Фрањо нагласува дека ѓаконите се повикани да бидат „мост“ меѓу олтарот и улицата, поврзувајќи ја Евхаристијата со секојдневниот живот. Нивната служба мора да биде исполнета со радост и братска поддршка, создавајќи простор во Црквата каде секој дар на служење е вреден и неопходен.
Третиот аспект е бесплатноста како извор на единство. Кога човек дава без да очекува нешто за возврат, се создаваат вистински братски врски. Единството се гради преку дела – лични и заеднички: преку делата на милосрдието на ѓаконите веќе се појавува прекрасна „литургија“.
Многу ѓакони – сопрузи, татковци, дедовци – се повикани да ги прошират границите на нивните семејства, правејќи го отворено нивното служење за оние на кои им е потребно. Таквата служба ја прави Црквата навистина „во излегување“ и синодална. Обраќајќи им се на новите ѓакони, Папата нагласува дека нивната служба не е пат нагоре, туку пат надолу: пат на понизност, снижување и самодарување.
На крајот од проповедта, Римскиот бискуп ги довери ѓаконите на мајчинската грижа на Пресвета Богородица и Свети Лаврентиј, повикувајќи ги да бидат апостоли на простувањето, несебични слуги и градители на единството.
Ватикан њуз/к.мк