Папата Фрањо одговори на писмото наречено „дубија“ упатено од пет кардинали, кои му поставија прашања, меѓу кои и во врска со истополовите заедници. За оваа пишуваа медиумите во целиот свет, но и во Македонија, а што точно кажа Папата прочитајте во продолжение. Преводот на текстот е неофицијален, но може доволно да прикаже што всушност напиша Папата како одговор.
Прашање:
Според Божјата објава, потврдено во Светото Писмо, кое Црквата „по Божја заповед помош на Светиот Дух побожно го слуша, свето го чува и верно го толкува“ (Dei Verbum 10): „Во почетокот“ Бог го создаде човекот според неговиот образ и подобие, машко и женско, ги создаде и ги благослови, за да бидат плодни (сп. Битие 1, 27-28), за што апостол Павле учи дека негирањето на пловата разлика е последица на негирањето на Создателот (Римјаните 1, 24-32). Прашањето е: дали Црквата може да отстапи од овој „принцип“, во однос на она што поучува Veritatis splendor 103, сметајќи го за едноставен идеал и прифаќајќи ги како „можно добро“ објективно грешните ситуации, како што се истополовите заедници, а при тоа да не се отстапи од објавената наука?
Одговор:
а) Црквата има многу јасна концепција за бракот: ексклузивна, трајна и нераскинлива заедница меѓу маж и жена, природно отворена за раѓање деца. Само таа заедница може да се нарече „брак“. Другите облици на заедништво го постигнуваат тоа само „делумно и аналогно“ (Amoris laetitia 292), па затоа не можат строго да се наречат „брак“.
б) Не се работи само за назив, туку реалноста која ја нарекуваме брак има единствена суштинска структура која бара ексклузивен назив, неприменливо за другите реалности. Несомнено, тоа е многу повеќе од обичен „идеал“.
в) Ова е причината зошто Црквата избегнува секаков вид на обред или Света Тајна што би можело да се спротивстави на ова верување и да имплицира дека се признава нешто што не е признато како брак.
г) Меѓутоа, во односите со луѓето не смееме да го изгубиме пасторалното милосрдие, кое мора да проникне во сите наши одлуки и ставови. Одбраната на објективната вистина не е единствениот израз на таа љубов (каритас), која се состои и од срдечност, трпение, разбирање, нежност и охрабрување. Затоа, не можеме да бидеме судии кои само негираат, отфрлаат, исклучуваат.
д) Затоа, пасторалната разборитост мора правилно да разликува дали постојат облици на благослов, кои ги бараат едно или повеќе лица, а кои не пренесува неисправен поим за брак. Затоа што кога бараме благослов, изразуваме молба за помош од Бога, молба за да може живее подобро, доверба во Отецот кој може да ни помогне да живееме подобро.
ѓ) Од друга страна, иако постојат ситуации кои не се морално прифатливи од објективна гледна точка, самата пасторална љубов бара од нас едноставно да не ги третираме другите луѓе како „грешници“ чија вина или одговорност може да се ублажи со различни чинбеници кои влијаат на субјективна вина (сп. Свети Иван Павле II, Reconciliatio et paenitentia, 17).
е) Одлуките кои во одредени околности може да бидат дел од пасторалната разборитост не мора нужно да станат норма. Односно, не е соодветно за епархија, епископска конференција или која било друга црковна структура постојано и официјално да воспоставува процедури или обреди за секакви прашања, бидејќи сè што е дел од практичното расудување во посебни околности не може да се подигне на ниво на прописи“, бидејќи тоа „ќе доведе до неподнослива казуистика“ (Amoris laetitia 304). Канонското право не смее и не може да опфати сè, затоа и епископските конференции со нивните различни документи и протоколи не треба да претендираат на тоа, бидејќи животот на Црквата тече низ многу канали надвор од нормативните.
Од горе наведениот текст може да се заклучи дека насловите и содржината на текстовите обајвени во медиумите воопшто не одговараат на она што папата Фрањо го напиша како одговор на петте кардинали.
к.мк