Што значи да се слави Божиќ?

Што значи да се слави Божиќ?

Во денешно време зборот „славење“ има многу приземно, па дури и празно значење. Доста често луѓето го поврзуваат овој термин со збир на забави или доживувања, одмор или некое бегање во светот на фантазиите за да се заборави на секојдневната реалност. Така, кога ќе слушнеме дека некој „слави Божиќ“, за жал, често тоа е само секуларно, световно славење, со одредени ритуали. Таквото световно славење се одвива само во контекст на човечките односи со семејството, пријателите или познаниците.

Такво или слично „божиќно славење“ понекогаш се организира неколку пати годишно во сите стилови и календари. Но, дали тоа е вистинската прослава на Божиќ? Да си признаеме и да си ја кажеме вистината: Не!

Прославувањето на Божиќ за нас христијаните значи да ја доживееме полнотата и плодноста на нашиот однос со Бога. Славењето на Божиќ мора да го вклучи нашиот однос со Бог. Прославувањето на Божиќ значи да се дозволи на Христос да се роди во мојот личен живот.

Да се слави Божиќ значи да се приклучиш и да го продолжиш родословот на Исус Христос во нашето современо човештво, неговите радости и таги, неговите обичаи и интелектуални определби, во нашата модерна култура и уметност.

Да се слави Божиќ значи заедно со семејството да се моли, значи да се појде на света Исповед, на света Причест. Значи да се живее со Христос, да се отвори вратата на нашето срце за Него и тоа да стане јасли, каде ќе биде положен и ќе ни помогне со Него да расте верата во нашиот живот сѐ додека не се сретнеме со Него во вечноста, прославен!

к.мк

Категорија: Колумни

За авторот