Што всушност содржи реформата на постапката за прогласување на непостоење на бракот

Светиот Престол објави два документи на папата Фрањо со кои се реформира начинот на кој Црквата ја води постапката за прогласување на непостоење на бракот. Ова се деветте работи кои треба да се знаат во врска со тоа:

  1. Што претставува прогласувањето на непостоење на брак? Дали е тоа исто што и разводот?

Тоа е пресуда дека одреден брак бил непостоечки уште од почетокот т.е. дека за време на венчавката била присутна некоја многу сериозна работа, која спречувала, воопшто, да настане валиден брак. Тоа е различно од развод, каде се раскинува брак што веќе постоел.

  1. Зошто ова е важно прашање во Католичката Црква?

Исус Христос директно поучуваше дека двајца луѓе, ако се разведуваат, а потоа се венчат по вторпат, прават сериозен грев, гревот прељуба. Тој поучуваше:

„Кој ќе ја напушти својата жена и се ожени со друга, тој прељубодејствува спрема неа; а и жена, ако го напушти својот маж и се омажи за друг, прељубодејствува.” (Мк 10,11-12)

Поради ова науката на Црквата не може едноставно на разведените лица да им дозволи да се венчат по вторпат. Кога би го направила тоа, би дозволила прељуба.

Според тоа, ако разведената личност сака да се венча по вторпат, Црквата мора да го испита првиот брак за да потврди дали бил валидно склопен или не.

Ако бракот бил валидно склопен, тогаш таа личност и понатаму останува врзана за првиот брачен другар и не смее да се венчава со друга личност.

Ако бракот е непостоечки, тогаш брачните другари не се врзани, и според тоа, освен ако нешто друго не делува врз ситуацијата, се слободни да стапат во брак.

Многуте разведени лица во нашето општество претставуваат горчливо пасторално прашање.

  1. Како се одвива процесот за прогласување на непостоење на брак?

Станува збор за сложена тема, но едноставно кажано, правилата се формулирани во прв ред во два документи: Кодексот по црковно право, по кој се раководи западната Католичка Црква и Кодексот на канони за источните Цркви, по кој се раководат источните Католички Цркви.

Кога мажот и жената ќе се разведат, можат да се обратат до својата епархија и да побараат да се испита валидноста на нивниот брак.

Тој процес може да биде едноставен или долг, зависно од природата на случајот и достапните докази.

Ако нивниот брак не бил валиден, тогаш ќе добијат одлука за прогласување на непостоење или „поништување“.

  1. Што направи папата Фрањо?

Тој објави два документи „Motu proprio“. Motu proprio е документ објавен на иницијатива на Папата. Со него често се утврдува или појаснува некое правно прашање (кое се разликува од доктриналните прашања, кои се решаваат со други документи, како што се енцикликите).

Познат пример за таков документ е Motu proprio од 2007 година под наслов Summorum Pontificum, со кој папата Бенедикт XVI ја прошири дозволата за служење на традиционалната латинска литургија.

Тие две нови документи се:

Mitis Iudex Dominus Iesus („Господ Исус Христос, благ судија“), со кој се реформира процесот на поништување во Западната Црква на латински и италијански јазик и Mitis et Misericors Iesus („Благ и милосрден Исус“), со кој се реформира процесот на поништување кај Источните Католички Цркви, исто така, на латински и италијански јазик.

Документите, со упатства на Папата, се подготвени во Ватикан од страна на група правни експерти задолжени за таа задача во октомври 2014 година.

Во двата документи се наоѓа увод во кој се објаснува што прави Папата, по кој следат канони кои ги заменуваат постоечките делови за поништување на бракот од Кодексот по канонско право и од Кодексот на канони на Источните Цркви.

На секој документ му се додадени и процедурални правила со кои на епископот (и на другите) им се објаснува како функционираат новите процеси.

  1. Зошто папата Фрањо го направи ова?

Тој го направи ова за процесот да биде поефикасен. Во многу делови од светот процесите се многу спори и сложени. Во некои земји дури е и невозможно црковниот суд само и да сослуша одреден случај, а дури и да го прифати, треба многу години да се добие пресуда.

Како пишува Папата, Епископската синода од 2014 година побара измени на процесот. На Синодата голем број на синодални оци ја нагласија потребата за постапката за прогласување на непостоење на брак да биде попристапна и пократка, и ако е можно, без трошоци.

Отците, меѓу другото, предложија ослободување од барањето за потврдна пресуда на второстепениот суд, можност за изнаоѓање на админастративен пат под надлежност на епископот и користење на едноставен процес во случаите кога непостоењето е евидентно.

Во сите случаи синодските оци нагласија дека примарно е да се утврди вистината за валидноста на брачната врска.

Помеѓу останатите предлози, при утврдувањето на валидноста на светата тајна женидба би можела да се испита улогата која верата ја имала кај лчицата кои се женат, потврдувајќи и понатаму дека бракот на двајца крстени христијани е секогаш света Тајна (Relatio Synodi 48).

Со новите документи треба процесот на поништување да се направи поприступен и пократок.

Во документите не се бара процесот да биде бесплатен (епархиите мораат да ги плаќаат луѓето кои работат на тие случаи, а тоа значи дека некогаш ќе треба да се плати одредена сума за делумно покривање на трошоците), но процедуралните правила на документите навистина повикуваат на намалување на трошкоците. (види член 7 §2)

  1. Кои промени во процесот ги воведува папата Фрањо?

Тоа е сложена тема, бидејќи се променети делови и во двата Кодекса по канонско право кои се однесуваат на поништувањето на бракот. Во случајот на Источниот Кодекс папата даде задача повторно да се напишат каноните од кан. 1357 до кан.1377, додека кај Западниот Кодекс изменети се 21 канон од кан. 1671 до кан. 1691.

Меѓу поголемите промени кои се наоѓаат во двата документи се следниве:

Се бара само една потврдна пресуда за непостоење на брак. Досега, во повеќето случаи, ако првостепениот суд утврди дека бракот е непостоечки, пресудата автоматски одеше пред второстепен суд и поништување се добиваше само ако второстепениот суд ја потврди таа пресуда. Сега во случаите, кои се без дилеми, ќе биде доволна морално силна пресуда пред првостепениот суд.

(…)

Сега постои нов, пократок процес во кој е вклучен епископот. Досега постоеја два вида на процеси за постапка со поништување: формален процес (кој беше подолг, и во кој се собираа и проценуваа сведоштва), и документарен процес, кој се занимаваше со случаите во кои може да се докаже дека бракот непостои едноставно само со излагање на одреден документ, како на пример, документ со кој се покажува дека католик се оженил надвор од Црквата без одредена дозвола. Сега имаме процес што го вклучува епископот и се наоѓа некаде во средина меѓу тие два процеса. Ако доказите за непостоење на брак се евидентни, тогаш можат да се изнесат пред епископот во процес кој бара помалку време од формалниот. Но ако има потреба од темелно испитување на доказите, случајот тогаш бара формален процес. (…)

  1. Пократок процес?

Во документот се објавени случаите во кои може да се примени пократок процес.

  1. Кога сето ова стапува на сила?

Не веднаш. Според Ватиканската информативна служба, датумот на стапување во сила на документите е 8 декември 2015 година.

Битно нет/ Превод: В.Н.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Колумни, Свет

За авторот