Размислување според Евангелието по Лука 5,1-11 наменето за Осумнаесетата недела по Педесетница
Ова неделно Евангелие зборува за еден многу важен момент, имено Исусовиот повик до апостолите да го следат. Важно е што овој момент е пропратен со едно чудо, односно големиот улов на риба.
Од Евангелието повикот на учениците да пристапат во апостолското послание може да се издвојат три одлучувачки фази.
1.„(Исус) како влезе во еден од корабите, кој беше на Симона, го замоли да се оддалечи малку од брегот…“ (Лука 5,3). Христос влегува во коработ на Симон. Тој влегува во животот на Симон, барајќи минимална услуга, малку да се оддалечи од брегот, затоа што со исполнувањето на ова мало барање му дава можност на Бога да проповеда, односно да допре многу срца со Божјото Слово. Симон со задоволство се согласува на ова. Тој дозволува неговиот посед, рибарскиот кораб, да стане средство за навестување на Радосната вест на Евангелието.
Живата средба со Христос во нашиот живот е обележана со мало барање од Господ, односно да правиме мали добри дела кои се гест на нашата љубов кон Бога, за да овозможиме преку нив да се проповеда Евангелието.
2. „А штом престана да говори, му рече на Симона: „Заплови во подлабоко и фрлете ги мрежите свои за лов!” (Лука 5 4). Сега Христос му порачува на Симон да направи многу поголема работа. Господ директно интервенира во животот на еден професионален рибар, кој од своето богато искуство многу добро ја разбира нелогичноста на ова барање, но сепак е послушен на Господовото бараање и „ја фрла мрежата по неговата волја“ (сп. Лука 5,5).
Кога Господ вистински ќе дојде во нашиот живот, Тој мора да биде и наш целосен водач и Господар. Токму во оваа фаза од средбата со живиот Бог многу често одбиваме да го исполниме Неговото барање, препорака да „запловиме подлабоко“. Во многу моменти од нашите животи, знаеме да го отфрлиме Божјиот закон, кои што изгледаат нелогично во очите на светот. Како да ги благословуваме оние што нѐ проколнуваат? (сп. Лука 6,28) Како можеш да ги љубиш непријателите? (сп. Матеј 5,44) на крајот на краиштата, како може некој да го загуби животот? (сп. Матеј 16, 25). И без исполнување на Христовото барање храбро да навлеземе подлабоко да ја исполниме Неговата волја, без страв и предрасуди, невозможно е да бидеме добри христијани и да доживееме чудесен и богат улов на ‘риба’ во сопствениот живот. Невозможно е да го наполните бродот на вашиот живот со неизмерна Божја радост, мир, љубов и блаженство без да ги исполните Христовите упатства. Ова умножување на Божјата светост во нашето срце може да стане толку големо што ќе ги исполни другите луѓе, па така ќе треба да се сподели овој прекрасен улов со другите.
3. „Оди си од мене, Господи, оти сум човек грешен!” (Лука 5,8). Симон би требало да се восхитува за чудото што го виде, но наместо тоа во него „влезе страв…“ (Лука 5,9).
Христијанин кој навистина запловил со Христа подлабоко во длабочините, што значи дека доживеал „чудесен риболов“, односно се исполнил со Божји мир и светост, гледајќи во себе, ја гледа само својата недостојност и грешност во споредба со Божјата величественост и Неговата божествена сјајна чистота. Значи, ако некој во црковната заедница може да се оцени себеси како подобар од некој друг, поправеден или побожен, тоа е само несреќен знак за сериозно оддалечување од Бога. Парадоксално, колку повеќе човекот се приближува до Бога, толку повеќе се смета себеси за грешен и безначаен, и обратно, колку повеќе се оддалечува од Него, тој почнува да создава лажна слика за својата праведност и супериорност над другите.
„Не бој се!” – им се обраќа Господ на оној, кој пред Него ја исповеда својата грешна слабост – „Отсега ќе ловиш луѓе!” (Лука 5,10). Односно, само под услов на потполна доверба во Бога, да го следиме Неговиот пат, да пловиме со Него во подлабокото, да бидеме сведоци на големото чудо, да ги исполниме нашите срца и срцата на луѓето околу нас со Неговиот Божествен мир и љубов и во понизното признавање на нашата грешност, ќе бидеме вистински ученици на Христос, кој „оставија сè и тргнаа по Него“ (Лука 5,11).
к.мк