Честитки од државниот врв до верниците католици по повод празникот Рождество Христово
По повод празникот Рождество Христово – Божиќ државниот врв упати честитки до верниците католици, како и до останатите кои Божиќ го слават според Грегоријанскиот календар.
Во честитката на претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов се вели:
Божик е симбол на Божјата љубов, простување и милост од кои извира новата надеж за нов почеток. Овој голем празник нè учи да ги следиме врвните морални и етички закони и да дејствуваме во согласност со начелата на вистината, се наведува во честитката.
Во неа се додава дека Божик е време кога одново ги потврдуваме нашите искрени заложби за негување и за почитување на различноста како врвна вредност на македонското повеќеетничко, повеќерелигиско и повеќејазично општество.
– Време што нè инспирира да придонесуваме кон мирот, благосостојбата, среќата и севкупниот напредок на нашата татковина Македонија, стои во честитката.
Честитајќи им го Денот на раѓањето Христово на сите македонски граѓани кои го прославуваат според Грегоријанскиот календар, претседателот Иванов посакува да продолжи да се пренесува божикната порака за вистината за вербата според која живееме
По повод празникот честитка до монс. Киро Стојанов Скопски бискуп и Апостолски егзарх во Македонија упати Никола Груевски премиер на владата на Република Македонија
„Божик е празник на љубовта, на радоста, празник на правдата, слободата и вистината. Празнување на толеранцијата, трпението и потребата еден со друг да се почитуваме и разбираме. Светата божиќна ноќ и божиќниот ден нека бидат мигови на молитва за своите ближни, за духовен мир и духовна сила. Молитва за мир и благосостојба, за развој и напредок, за нашите и идните генерации на Република Македонија“, се вели во честитката на премиерот Груевски.
Честитки по повод празникот Рождество Христово до верниците од Католичка вероисповед упати и Претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Вељаноски, во која стои:
Големиот празник посветен на Христовото раѓање е најрадосниот ден за секој верник во христијанството. Божик е симболот за раѓањето, чин на духовна промена и почеток на нова надеж. Ова се денови кои не зближуваат и не прават да бидеме исполнети со уште поголема љубов и топлина, кон семејството и ближните. Со прославувањето на овој голем христијански празник на сите верници нека им даде поттик да живеат во мир и хармонија, да создаваат добри дела и радост и да продолжат да ги негуваат семејните и традиционални вредности, наведува во честитката.
Исто така по повод празникот Божиќ Комисијата за односи со верски заедници и религиозни групи упати честитка до граѓаните католици и бискупот Киро Стојанов.
Убеден сум, додава, дека нашите заеднички цели се да живееме во заедништво со почитувањето на верските различности, бидејќи само така успешно го градиме патот на толеранција кој ќе ни овозможи просперитетна иднина за Република Македонија и поубав живот за сите наши граѓани.
– Радоста Божја е најголемата радост на човекот, бидејќи Христовото раѓање ја означи победата на доброто над злото, на дарувањето над себичноста, на единството над поделбите, на љубовта над омразата. Бог во својата љубов и милост кон човештвото не дозволи човекот да стане роб на гревот, туку го испрати својот возљубен Син, за да можат другите преку Него да се спасат и да се радуваат, се вели во честитката.
Кога сите би се радувале и љубеле меѓусебно како што Христос ги љубеше своите ученици, а преку нив и целото човештво, стои во телеграмата, страдањето кое денес владее во светот повеќе нема да постои, бидејќи злото е немоќно во присуство на големата љубов и големата светлина која прво скришно блесна во Витлеемската пештера, а потоа ги осветли срцата на многу верници ширум светот.
– Токму затоа, во овие празнични мигови Ви посакувам светлите зраци на Божикното утро да Ви донесат здравје, среќа и љубов, и во духот на христијанските вредности на сите верници да им го осветли патот кон заедничкиот мир, соживот и толеранција. Христос се роди – навистина се роди, се вели во телеграмата што по овод Божик, директорката на Комисијата за односи со верски заедници и религиозни групи ја упати до бискупот Стојанов.
Честитки по повод празникот упатија и политичките партии ВМРО –ДПМНЕ и СДСМ, како и други политички партии, здруженија и организации.
к.мк