Црквата е света – таа е Исусова Свршеница

Светците не се херои, туку грешници кои го следат Исус по патот на понизност и крстот, дозволувајќи Му да ги посвети, бидејќи никој сам не се посветува, рече папата Фрањо во петок 9 мај во проповедта на светата Литургија во капелата на домот Света Марта.

Папата Фрањо врз основа на првото читање од Делата на светите Апостоли, каде што се говори за преобраќањето на свети Павле, кој од непријател на Црквата станува светец, протолкува што се мисли со поимот „Света Црква“ (Дела 9,1-20).

„Каква може да биде Црквата, ако ја сочинуваме ние: Сите ние тука сме грешници. А Црквата е света! Ние сме грешници, но таа е света. Таа е Свршеница Христова, Тој ја љуби. Тој ја посветува секој ден со својата евхаристиска жртва, затоа што многу ја сака. А ние сме грешници, но во света Црква. И ние се посветуваме со својата припадност кон Црквата, синови сме на Црквата, а Мајката Црква нѐ посветува со својата љубов, светите Тајни на својот Свршеник“.

Павле ги пишува своите посланија на светиите, на нас грешниците, кои истовремено се синови на светата Црква, посветени со Телото и Крвта Христови, рече Папата.

„Во оваа света Црква, Господ одбира некои луѓе преку кои подобро ќе се покаже светоста, за да се види дека Тој е оној кој посветува, бидејќи никој сам себе не се посветува, не постои курс со кој ќе станеме свети. Бог покажува како да се биде свет и не значи дека треба да се биде некој факир или слично… Не! Не е така! Светоста е Исусов дар на Црквата и за да биде тоа јасно Тој одбира луѓе преку кои јасно се гледа како посветува“.

Папата продолжи, истакнувајќи дека евангелијата донесуваат бројни примери на светци: Магдалина, од која Исус изгони седум демони, потоа Матеј цариникот, кој предавнички зема пари од сопствениот народ за да го даде на Римјаните; Закхеј и многу други преку кои е јасно кое е „првото правило за светост: потребно е Христос да расте, а ние да се смалуваме. Тоа е правило за светоста: ние да се понизиме за да расте Господ“, нагласи Папата.

Христос го одбира Савле, кој беше гонител на Црквата: „Но Господ го чека. Го чека и му ја покажува својата сила“. Савле станува слеп и послушен и од некогашната величина станува како дете: слуша без противење. Неговото срце се менува: „тоа е друг живот!“ Но Павле не станува херој, истакна Папата, бидејќи откако го проповеда Евангелието по целиот свет, својот живот го „завршува со мала група пријатели, тука во Рим, како жртва на своите ученици“: едно утро по него дојде група од 3,4,5, војници го одведоа и му ја отсекоа главата. Едноставно. Великиот, оној кој одеше по светот, така зваршува.“ „Се смалува, смалува, смалува…“ „Разликата помеѓу херојот и светецот е сведоштвото, наследувањето на Исус Христос. Да се оди по патот на Исус Христос“, патот со крстот.

„Многу светци завршуваат понизно. Големи светци. Мислам на последните денови на Иван Павле II… Сите го гледавме тоа“!

Не можеше да говори, големиот Божји атлет, големиот Божји воин завршува уништен од болеста, понижен како Исус. Тоа е патот на светоста на големите. Но тоа исто така е патот на нашата светост. Ако не дозволиме срецето да нѐ преобрати на Исусовиот пат – секој ден да се носи крстот, обичен крст, едноставен крст – и да дозволиме Исус да расте; ако не одиме по овој пат, нема да станеме свети. Но ако одиме по овој пат, сите ќе посведочиме за Исус Христос, кој многу нѐ љуби. Ќе сведочиме дека Црквата е света и покрај нашата грешност. Таа е Исусова Свршеница“, рече на крајот папата Фрањо.

РВ/го*ко

Категорија: Ватикан

За авторот