Црквата го покажува своето мајчинство во понизноста

Мајка Марија и мајката Црква знаат нежно да ги прегрнат своите деца. Да размислуваш за Црквата без мајчинството значи да размилуваш за круто здружение, здружение без човечка топлина – за сирачиња – рече Папата на светата Литургија на 15 септември во капелата на домот Света Марта.

На Литургијата беа присутни и членовите на т.н. совет на девет кардинали – најблики соработници на Папата, кои овие денови имаат состанок во Ватикан. Во проповедта Светиот Отец истакна дека Црквата треба да ги има мајчинските квалитети кои се изразуваат во ставот на понизноста, милосрдието, простувањето и нежноста.

„Еве ти Мајка“ – Папата проповедта ја започна со тие извонредни Исусови зборови упатени од крстот на „ученикот кој го љубеше и на Марија“. Не може да се размислува за Марија, а за неа да не се размислува како за мајка – истакна Светиот Отец, додавајќи дека нејзиното мајчинство се проширува на новиот син, а со тоа и на целата Црква и човештвото.

Папата ја истакна важноста на Исусовите зборови: Нема да ве оставам сираци. Ни дава Мајка. Тоа е наша гордост: имаме Мајка која е со нас; која нè штити, нè следи и ни помага и во тешките и во грдите моменти. Руските монаси – рече – велат дека во моментите на духовен немир треба да се обвиткаме со плаштот на света Богородица. Така Мајката нè прифаќа и штити и се грижи за нас. Но, Марииното мајчинство можеме да кажеме оди над тоа – заразно е. Од Марииното мајчинство доаѓа едно друго – мајчинството на Црквата – рече папата Фрањо.

Црквата е Мајка. Таа е наша „Света мајка Црква“ која нè раѓа во крштението ни дава да растеме во заедницата и има став на мајчинство, кроткост и милосрдие: Мајка Марија и мајката Црква знаат нежно да ги прегрнат своите деца. Да размислуваш за Црквата без мајчинството значи да размилуваш за круто здружение, здружение без човечка топлина. Црквата е мајка и како таква сите нас нè прима. Марија и Црквата: нивното мајчинство се изразува во ставот на понизноста, прифаќањето, сочувствувањето, милосрдието, простувањето и нежноста – истакна Светиот Отец.

А каде што е мајчинството и животот таму е радоста и мирот. Каде што недостасува мајчинството останува само крутост, дисциплина и (човекот) заборава веќе да се смее. Една од најубавите човечки работи е да се насмееш на детето и од него да измамиш насмевка. Нека Господ – рече на крајот Папата – ни даде и денес да го почувствуваме неговото мајчинство и Марииното мајчинство.

РВ/к.мк/Д.И.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот