Црквата во спортот гледа орудие за целосен развој на личноста

Светиот Отец на 23 ноември во Ватикан ги прими во аудиенција претставниците на европските олимписки комитети. Одговарајќи на поздравот од нивниот претседател и претседателот на Меѓународниот олимписки комитет, Папата им заблагодари на сите оние во Европа кои преку спортот го поттикнуваат целосниот развој на личноста и братството помеѓу луѓето.

Врската помеѓу Црквата и спортот е убава реалност која со текот на времето се зацврстила, затоа што црковната заедница во спортот гледа правилно орудие за целосен раст на човечката личност. Спортската активност поттикнува здраво надминување на самиот себе и сопствените егоизми, подготовка за пожртвуваност, а ако е добро поставена, тогаш развива чесност во меѓучовечките односи, пријателство и почитување на правилата – изјави Светиот Отец.

Сите спортисти, на сите нивоа, важно е да ги промовираат оние човечки и верски вредности кои се наоѓаат во темелот на секое поправедно и посолидарно општество. Тоа е можно затоа што спортот е универзален, ги надминува границите, јазиците, расите, религиите и идеологиите. Способен е да ги обедини личностите, поттикнувајќи дијалог и прифаќање. Спортот е драгоцено богатство – истакна Папата и додаде:

Сакам да ги охрабрам институциите и организаците, како што е вашата, кои особено на младите генерации, низ спортот им нудат воспитание за мир, делење и соживот помеѓу народите. Карактеристично за спортот е да обединува, а не да дели! Петте испреплетени прстени, симболот на Олимписките игри, го претставуваат братскиот дух кој ги обележува олимписките игри и спортското натпреварување воопшто – забележа Светиот Отец.

Ако спортот се вреднува само со економски мерила или со постигнување на победа по секоја цена, тогаш се заканува опасност спортистите да се доведат до обична профитабилна трговија. Самите спортисти стануваат робови на механизмот, ја губат вистинската смисла на својата активност; радоста која во младоста ги привлекувала и поттикнувала да се жртвуваат и станат прваци. Спортот е склад, но ако превладее неумереното трчање за пари и успех тогаш тој склад се нарушува – кажа Папата.

Вие сте, како олимписки управители, повикани да ја поттикнувате воспитната улога на спортот. Сите сме свесни за големата потреба да се воспитаат спортисти исполнети со чесност, морални вредности и живо чувство за одговорност – кажа Светиот Отец, а потоа на сите им посака среќа во работата и го повика Божјиот благослов на нив, нивните роднини и на сите кои ќе учествуваат на следните Олимписки игри.

 Е.А.

Категорија: Ватикан

За авторот