Црквата во Великиот пост предлага молитва, милостиња и пост

Црквата во Великиот пост предлага молитва, милостиња и пост

Божјата провидност ни го нуди периодот на Великиот пост секоја години како можност за да Му се вратиме со целото срце и со целиот живот – напиша папата Фрањо во пораката која ја објави на својот Твитер профил на 1 март, потсетувајќи така на она што го напиша во својата порака за Великиот пост.

Со неа – како што самиот истакна – сака да и помогне на целата Црква во радост и вистина да го доживее тоа милосно време. Како вдахновение за тоа му послужиле Исусовите зборови од Евангелието според Матеј: „Бидејќи беззаконијата ќе се умножат, кај мнозина љубовта ќе се олади“ (Матеј 24, 12).

Во пораката Папата ги поттикнува христијаните да погледнат дали се закануваат во нивните срца лагите кои нè прават робови на задоволството, парите, дрогата, односот „употреби и фрли“, и виртуелната реалност на социјалните мрежи, и од нив бара конкретни дела. За да оздравиме од студенилото на загушената љубов, Црквата предлага молитва, милостиња и пост.

Затоа треба да се чуваме од лажните пророци кои ги искористуваат човечките чувства за луѓето да ги направат робови – предупреди Светиот Отец и истакна: Колку Божји деца се под влијанието на лажните задоволства кои траат неколку моменти, а кои ги замениле со вистинската среќа! Колку луѓе живеат заведени од илузијата на парите кои всушност ги прават робови на заработката и ситните интереси! Колку луѓе живеат мислејќи само на себе и на крајот стануваат плен на осаменоста – вели Папата во пораката за Великиот пост.

Треба да се чуваат и од оние лажни пророци кои нудат едноставни и непосредни решенија за страдањето, кои многу брзо се покажуваат неделотворни – рече папата Фрањо. На колку млади луѓе им се нуди лажното средство дрога, и илузии за лесна, но нечесна заработка! Колку се фатени во замката на целосен виртуелен живот во кој односите изгледаат поедноставни и поискрени за потоа да се покажат бесмислени! Тие измамници кои нудат безвредни работи, им го одземаат на луѓето она најскапоценото, а тоа е достоинството, слободата и способноста за љубов.

Што е наше да направиме? Ако во себе и околу себе ги гледаме тие опасни знаци – напиша Папата – Црквата во времето на Великиот пост ни го нуди лековитите средства: молитва, милостиња и пост. Со молитвата му помагаме на своето срце да ја открие лагата со која се лажеме самите себе. Милостињата која нè ослободува од алчноста мора за сите да стане вистински стил на живот. Постот пак нè разоружува, ни помага да растеме, нè буди, нè прави повнимателни за Бог и ближниот, повторно ја оживува волјата за да бидеме послушни на Бог единствениот кој може да ја угаси нашата глад – истакна папата Фрањо во овогодинешната порака за Великиот пост.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот