Примајќи ја во аудиенција делегацијата од фондацијата која ја промовира меѓународната новинарска награда „Biagio Agnes“, папата Фрањо ја истакна поврзаноста на новинарството со формацијата на луѓето; затоа во центарот на новинарската работа треба да бидат перифериите, вистината и надежта.
Овде нема рецепт, туку само три збора: периферии, вистина и надеж – рече папата Фрањо примајќи ја во аудиенција делегацијата од фондацијата која ја промовира меѓународната новинарска награда „Biagio Agnes“, на 4 јуни 2018 година. Спомнувајќи си на тој угледен италијански новинар, Папата ја истакна неговата интервенција за улогата на новинарот како гарант на исправна, доверлива, вистинита и точна информација.
Чувајќи го неговото поучување како богатство, ангажирајте се за комуникација која знае да ја стави вистината пред личните интереси или интересите на големите корпорации. Освен тоа, со таа награда пред општството истакнувате новинари и новинарки кои се карактеризираат со одговорност во извршувањето на својата служба – рече папата Фрањо.
Новинарството и формацијата на луѓето
Новинарството е – истакна потоа – поврзано со формацијата на луѓето, на нивните гледање на светот и нивното однесување во различни случувања. Ова работа е со големи барања, во моментот се наоѓа во период кој од една страна го обележува дигиталниот развој, а од друга страна промената на самите медиуми – рече Светиот Отец. Денес постојат различни начини за произведување на вести: од класични телевизиски екипи, до момче и девојка кои со помош на мобилниот телефон подготвуваат вест за некој портал. Или пак традиоционално радио и интервју направени со мобилен телефон. Сето тоа ни зборува – рече Папата – дека навистина минуваме низ силна промена на информативните форми и изразување.
Тешко е да се влезе во тој преобразувачки процес, но сѐ повеќе е потребно, ако сакаме и понатаму да бидеме воспитувачи на новите генерации – истакна Папата и потсетувајќи на енцикликата „Laudato si“ додаде: Во тој контекст, среде информативната дисперзивна врева, ученоста на големите мудри луѓе од минатото би можела да биде потисната. Затоа – напомена Светиот Отец – не постојат рецепти, туку би сакал да истакнам три збора: периферии, вистина и надеж.
Периферија
И покрај тоа што вестите се произведуваат во големите места, во големи центри, не смееме никогаш да ги заборавиме животите на луѓето кои живеат далеку на перифериите – истакна Папата. Станува збор понекогаш за луѓе кои живеат во страдање и сиромаштво; а понекогаш тие се приказни за голема солидарност, кои можат да им помогнат на сите реалноста да ја гледаат на нов начин.
Вистина
Зборувајќи пак за вистината Светиот Отец истакна дека денес во светот во кој сѐ се случува брзо, сѐ повеќе е потребно да се потпираме на законот за основно истражување, разговорот, а ако е потребно и молчењето. Подобро е да се молчи – рече – отколку да се рани некој човек или група луѓе или пак да не се признае некој настан. Знам дека тоа е тешко, но животот се сфаќа на крајот, и тоа треба да ни помогне да станеме храбри, па и пророчки – рече Папата.
Надеж
Не станува збор за тоа дека треба да го прикажеме светот без проблеми; тоа би било илузија – рече Светиот Отец зборувајќи за надежта. Станува збор за тоа – објасни – да се отворат простори за надежта, додека се предупредува на пропаѓање и очај. (…) Новинарот е – според зборовите на Папата – повикан да одржи отворен простор за излез, простор за смисла и надеж.
Важна е целосната информација
Спомнувајќи го на крајот меѓународниот собир за лажни информации, одржан неодамна на поттик на Папскиот совет за култура, Папата истакна дека е потребна научна и општествена, одговорна и опширна расправа за да се земат во предвид сите расположливи информации и работите да се наречат со вистинското име. Понекогаш на маса не се става целосна информација, туку се избира во согласност со сопствените интереси, без разлика дали се политички, економски или идеаолошки – истакна на крајот папата Фрањо.
РВ/к.мк