Центарот „Мајка Тереза“ на меѓународен форум и конференција во Билбао и Виена

Центарот „Мајка Тереза“ на меѓународен форум и конференција во Билбао и Виена

Првата недела од октомври, Центарот Мајка Тереза од Гевгелија, зеде учество и се претстави на два големи и значајни настани поврзани со социјалната економија и претприемништвото. “Вредности и конкурентност за инклузивен и одржлив локален развој“ беше темата на 4-тото издание на меѓународниот социјален економски форум 2018  (Global Social Economy Forum (GSEF) 2018) кој се одржа во Билбао, Шпанија од 01 до 03 октомври 2018. Центарот „Мајка Тереза“ беше една од две организации од Македонија кои беа поканети од Европската Комисија, за да присуствуваат на овој форум и да земат учество во интерактивната работилница „Социјалната економија движејќи се локално“. Оваа работилница  имаше за цел да презентира резултати од ЕSER (European Social Economy Regions 2018) пилот проект, да се споделат најдобрите практики на ниво на ЕУ (32 региона на Европска унија и 12 земји од Западен Балкан и Источна Европа) и да се изготви стратегија за продолжување на оваа пилот иницијатива во иднина надвор од ЕУ граници.

Во Виена на 5 октомври се одржа една од најпрестижните Конференции за социјални иновации и импакт инвестирање во Европа – CEE Impact Day, на која од Македонија се претставија шест социјални бизниси, меѓу кои и центарот. Овој настан има за цел на едно место да ги собере социјалните бизниси кои доаѓаат од земјите од Централна и Источна Европа и потенцијалните импакт инвеститори.

„Ми беше чест да имам можност да запознаам и да споделам искуство со колеги од овие региони, да мапирам некои социјални бизниси и програми со кои би можеле во иднина да соработуваме, но и да им презентирам во Билбао и Виена подетално за социјалната компонента на Центарот Мајка Тереза, импактот кој го прави на локално ниво и предизвиците за финансиската одржливост која тешко се постигнува од страна на социјалните претпријатија без подршка на локални и странски инвеститори и донаторски фондови. Се надевам дека Македонија ќе има можност и пристап до идните иницијативи на ESER проектот на Европската комисија. Колку и да е социјалното претприемништво непознато или во зародиш за наши простори, треба да добие морална и материјална подршка од јавниот и приватниот сектор прво дома, бидејќи ние произлеговме од потребите на една од најранливите заедници (лица со посебни потреби и нивни семејства) и пополнуваме една празнина, но сѐ уште не сме одржливи и функционираме благодарение на проект финансиран од католичките организации Реновабис, Германија и Каритас, Италија, а ко-финансиран од родителите на децата со посебни потреби. Така со донирање во Центарот Мајка Тереза и/или купување на производите кои ги изработуваат нашите корисници, секој има можност да ни помогне овој Центар да ја продолжи својата мисија и да помогне повеќе деца да бидат што е можно подобро самостојни и интегрирани во општеството.“ – изјави по враќањето Снежана Сарамандова, проект менаџер на Центарот Мајка Тереза.

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот