Завршниот документ на Синодата за синодалност е конкретен чекор за целосно спроведување на одлуките на Соборот
Документот изгласан од Синодата е дел од патот, кој започна со Вториот ватикански собор, а кој продолжува и бара конкретно да се живее на секое ниво во Црквите. Тоа е свеста дека синодалноста е начин да се живее и сведочи за заедништвото. Црквата не е претпријатие, ниту партија, епископите не се „префекти“ на Рим, мирјаните не се само извршители на црковните одлуки и директиви.
Црквата е народ. Божјиот народ оди заедно: нејзниот мотив за постоење не е да управуваат со структури, бирократии или овластувања. Ниту пак да победи и да го брани сопствениот простор во светот. Нејзиниот единствен мотив за постоење е да овозможи средба со Христос денес, на секое место каде што жените и мажите на нашето време живеат, работат, се радуваат, страдаат.
Затоа, постои начин да се искусат взаемните односи и врските, кој е специфичен и евангелски. Начин, фокусиран на служење, како што нѐ научи Исус. Постои специфичен начин за донесување одлуки, планирања, делување, што е само по себе веќе сведоштво, особено во време како нашето, кое се карактеризира со поделби, омраза, насилство, злоставувања. Затоа, живата синодалност значи да се направи чекор кон целосно спроведување на одлуките на Соборот.
Тоа значи да се земат сериозно почетоците – во смисла на цврсто вкоренети од самиот почеток – да се биде Црква: заедница каде што има место за секого и каде што секој се цени, заедница на грешници, на кои им е простено, кои ја искусуваат Божјата љубов и сакаат да ја пренесат на сите.
Синодата за синодалност со своите перспективи бара многу, од сите. Потребна е промена во начинот на размислување. Сака синодалноста да не се смета за бирократска задача која треба да се извршува патерналистички, со некои мали козметички промени. Сака повторно да ја открие желбата за заедничко чекорење, како посакуван, а не наметнат начин, со сите последици што произлегуваат од тоа.
Сака да кренеме сидро и да се охрабриме, со сигурноста дека Господ е тој што ја води Неговата Црква преку дарот на Светиот Дух. Сака да го преиспита служењето на власта, вклучително и она на Петровиот наследник. Сака поодговорна улога за мирјаните и особено за жените.
Тоа е претставата за Црква чии членови се цврсто вкоренети – на дадено место, во дадена реалност, во дадена заедница, во даден контекст – и во исто време се ходочесници, односна на пат, во движење, во потрага, мисионери. Црковните структури, во оваа нова перспектива, повеќе не го претставуваат местото каде што треба да одат мирјаните, туку го поддржуваат служењето што Божјиот народ го врши во светот.
Целта на текстот, кој папата Фрањо сакаше веднаш да го пренесе на целата Црква, е посланието, според примерот воспоставен со апостолскиот поттик Evangelii gaudium, да се погрижи „Црквата што излегува“ да не остане само намера или да се сведува само на парола, туку да биде целосно реализирано и со придонес на сите.
Ватикан њуз/к.мк