Во Неделата на страдањата на Господ или Цветници, недела 9 април 2017 година, верниците во Куманово се собраа за процесија и Литургија со кои започнува Големата седмица.
Древната римска традиција ја нарекува Неделата на страдањата на Господ или Страсна седмица, а кај нас во традицијата е наречена Цветници. Името Цветници во нашиот ум асоцира на обичајот за процесија со благословени гранчиња во сеќавање на влегувањето на Исус во Ерусалим. Во текот на литургиското славење односно процесијата се пеат традиционални песни. Воскликот на верниците „осана“ е израз на верата во Христа кој својата спасителна моќ ја покажа преку „безумието“ на крстот (1 Кор 1,18.23).
Обредникот за побожност на луѓето нè потсетува да ги поучиме верниците за да ја сфатат смислата на славењето. Би било соодветно да се истакне дека она што е навистина важно е учествувањето во процесијата, а не штотуку добиените палмови или маслинови гранчиња. Исто така, дека тие не се чуваат како амајлии или поради терапевтски цели односно за да се оддалечат злите духови и да се заштитат куќите и полињата, а тоа би можело да биде еден вид на празноверие. Пред сè, гранчињата треба да се чуваат како сведоштво за верата во Христа односно Месијата и во неговата пасхална победа (бр.139).
Кој е Исус од Назарет за нас? Каква замисла имаме за Месијата? Каква замисла имаме за Бог? Тоа се суштинските прашања од кои не можеме да избегаме, а пред сè поради тоа што токму оваа седмица сме повикани да го следиме нашиот Цар кој за престол го избира крстот, повикани сме да го следиме Месијата кој не ветува лесна радост на земјата, туку радост на небото и блаженство од Бог. Ние мораме да се запрашаме кои се нашите вистински очекувања и кои се нашите најискрени и најдлабоки желби со кои денес се собравме тука да ги прославиме Цветници и да ја започнеме Великата седмица. (од проповедта на Папата Бенедикт XVI на Цветници во 2012 год.)
к.мк