Со денешниот празник Цветници и ние заедно со Исус се упатуваме од Витанија и влегуваме во Ерусалим, а од Евангелието слушнавме како Исус е пречекан како цар со восклиците: „Осана во висините, благословен кој доаѓа во името Господово“. Причина за ваквиот пречек секако е воскресението на Лазар, кој четири дена беше веќе мртов.
Преку ова Евангелие и овој празник Исус како да нè зема за рака и нè поведува низ таинствата кои ќе случат со него во Ерусалим, последната вечера со своите ученици, основањето на Евхаристијата, гетсеманската борба, предавството, понижувањето, камшикувањето, судењето во Синедрионот и кај Пилат, Крстниот пат, распнувањето, полагањето во гроб и воскресението од мртвите. Изобилство на настани преку литургиските обреди и светите Евангелија ќе нè поведат во Ерусалим за да бидеме и ние таму присутни и преку таа доброволна жртва и смрт да ја откриеме големата Божја љубов која за нас пострада.
Пристигнувајќи пред ерусалимските порти ќе биде пречекан со палмови гранки и восклици: Осана на оној кој доаѓа во името Господово. Тој добро знае што ќе се случи, знае дека овој пречек е непостојан, површен, затоа што во лицата на луѓето гледа дека имаат овоземско сфаќање за спасението и Спасителот. Не биле подготвени да бидат со Христос при воспоставувањето на вечното царство кое доаѓа преку страдањето и смртта. Исус нè поведува во една авантура во која славењето ќе се претвори во понижување, верноста во предавство, правдата во неправда, очекувањата во разочарувања, но и смртта во живот, а поразот во победа. (…)
Да се соединиме со Господ овие денови преку сите можни начини, посебно преку молитвите – личните и семејните – за да ги прославиме овие свети денови на страдањето, смртта и воскресението Христово и да нè ослободи од секаков грев и зло. Нека и оваа година прославата на Великата седмица за нас биде силно духовно оружје во нашата борба против коронавирусот. Во заедништвото со Христос, победата ќе биде наша. Исус ни вели: Јас го победив светот. Не плашете, се само верувајте..
го*ко