Колку повеќе чувствуваме дека нашето срце е вознемирено, толку повеќе се чувствуваме нервозни, нетрпеливи, лути одвнатре, толку повеќе треба да му се молиме на Господа за Духот на мирот. Светиот Дух е тој што нè потсетува дека покрај нас има браќа и сестри, а не пречки или противници. Ни дава сила за простување, да почнеме одново, да појдеме одново, потсети папата Фрањо во своето обраќање, во недела 22 мај 2022 година, пред молитвата Царице небесна на плоштадот Свети Петар.
„Мир ви оставам; мирот Свој ви го давам“ (Иван 14,27). Токму на овие две кратки Исусови изјави од Евангелието на неделната Литургија се осврна Папата во своето обраќање пред молитвата Царице небесна. Мирот, кој е наша обврска, е пред сè Божји дар, Светиот Дух е тој што го разоружува срцето и го исполнува со мир. Да научиме да велиме секој ден: „Господи, дај ми го твојот мир, дај ми го твојот Свет Дух“, поттикна Светиот Отец.
Никој не може да остави мир на другите ако го нема во себе
Исус овие зборови, кои изразуваат наклонетост и мир ги кажува во момент кој во никој случај не е мирен. Јуда отиде да го предаде, Петар ќе го одрече, скоро сите други ќе го напуштат. Господ го знае тоа, а сепак не укорува, не употребува груби зборови, не држи остри говори, забележа папата Фрањо. Наместо да покажува вознемиреност, тој останува љубезен до крај.
Последните часови од животот на Исус како да ја изразуваат суштината на целиот негов живот. Чувствува страв и болка, но не отстапува место на на огорченоста или бунтотувањето, рече Светиот Отец. Тој е во мир, а тоа е мирот што доаѓа од неговото кротко срце навикнато на доверба. Како што објасни папата Фрањо, никој не може да ги остави другите во мир ако тоа го нема во себе.
Мирот е обврска, но пред се дар од Бога
Исус покажува дека кроткоста е возможна, тоа тој го покажа токму во најтешкиот момент, а сака и ние да се однесуваме така, бидејќи и ние сме наследници на Неговиот мир. Тој сака да бидеме кротки, отворени, достапни, способни да ја смириме напнатоста и да ткаеме хармонија. Тоа е сведоштво за Исус кое вреди повеќе од илјада зборови и многу проповеди, рече Папата.
Секако, таа кроткост не е лесна, додаде Папата. Колку е тешко, на сите нивоа, да се смират судирите! Тука на помош ни доаѓаат едни други Исусови зборови: мирот Свој ви го давам. Тој знае дека не можеме сами да негуваме мир, дека ни треба помош, дека ни треба дар. Мирот, кој е наша обврска, е пред се Божји дар, нагласи Папата, додавајќи дека во продолжение на евангелскиот дел Исус вели дека го дава својот мир, но не како што го дава светот. Мирот што ни го дава Господ, кој светот не го знае, е Светиот Дух, истиот Дух Исусов. Тој е тој Свет Дух кој го разоружува срцето и го исполнува со мир. Тој е оној кој ја ослободува вкочанетоста и ги гасне искушенијата со кои се напаѓаат другите. Нѐ потсетува дека покрај нас има браќа и сестри, а не пречки или противници. Тој, Светиот Дух, ни дава сила да простуваме, да почнеме одново, да појдеме одново, бидејќи со нашата сила не можеме. Токму со Него, со Светиот Дух, стануваме мажи и жени на мирот, рече Светиот Отец.
Молете се на Господа за Духот на мирот
Ниту еден грев, ниту еден неуспех, ниту една замерка не треба да нè обесхрабрува упорно да го бараме тој дар од Светиот Дух кој ни дава мир, поттикна папата Фрањо. Колку повеќе чувствуваме дека нашето срце е вознемирено, толку повеќе се чувствуваме нервозни, нетрпеливи, лути одвнатре, толку повеќе треба да му се молиме на Господа за Духот на мирот. Да научиме да велиме секој ден: „Господи, дај ми го твојот мир, дај ми го твојот Свет Дух“. Да го побараме тоа за оние кои живеат до нас, за оние кои секојдневно ги среќаваме и за водачите на народот, рече на крајот папата Фрањо.
Ватикан њуз/к.мк