Во недела 25 април 2021 година, пред молитвата Царице небесна на плоштадот Свети Петар, папата Фрањо го прокоментира Евангелието за денешната недела, која ја нарекуваме Недела на Добриот Пастир и истакна дека Исус ги штити, познава и ги сака сите свои овци, дури и оние кои не доаѓаат во црква, но тоа не значи дека тие не се деца Божји. Говорот на Папата го пренесуваме во целост.
Драги браќа и сестри, добар ден!
На оваа четврта воскресна недела, наречена Недела на Добриот Пастир, Евангелието (Иван 10, 11-18) го претставува Исус како вистински пастир кој ги штити, познава и сака своите овци.
Наспроти Него, Добриот Пастир, стои „наемникот“ кој не се грижи за овците, бидејќи не се негови. Таа работа ја извршува само за плата и не се грижи да ги штити: кога ќе дојде волкот, тој бега и ги остава (сп. ред. 12-13). Исус, напротив, е вистински пастир, тој нè штити и спасува во многу тешки, опасни ситуации во светлината на неговото слово и силата на неговото присуство кое можеме да ги искусиме секогаш и ако сакаме да слушаме, секој ден.
Вториот аспект е дека Исус, Добриот пастир, го познава своето стадо, тоа е првиот аспект: а вториот ги штити своите овци и овците го познаваат него (р. 14). Колку е убаво и утешно да се знае дека Исус нè познава секој поединечно, дека не сме безимени за него, дека тој нè познава по име! За него не сме „маса“, „мноштво“. Тоа не сме. За него ние сме единствени личности, секоја со своја историја, [и Тој] го знае секој поединечно со својата историја, со својата вредност, дали како создание, или пак како откупен од Христос. Секој од нас може да каже: Исус ме познава! Тоа е вистината, тоа е така: Тој нè познава како никој друг. Само тој знае што е во нашето срце, нашите намери, најскриените чувства. Исус ги знае нашите предности и нашите слабости и секогаш е подготвен да се грижи за нас, да ги лекува раните на нашите грешки со изобилието на Неговата милост. Во него целосно се остварува ликот на пастирот на Божјиот народ, за кој пророците пишувале: Исус се грижи за своите овци, ги собира, им ги преврзува раните, ги лекува болните. Така, читаме во книгата на пророкот Језекиел (сп. 34,11-16).
Значи, Исус, Добриот Пастир, ги штити, ги познава и пред сè, ги сака своите овци. Затоа тој го дава животот (сп. Иван 10, 15). Љубовта кон овците, односно кон секој од нас, го води до смрт на крстот, зашто волјата на Отецот е никој да не се изгуби. Христовата љубов не е селективна, сите ги прегрнува. Тој самиот нè потсетува на ова во денешното евангелие кога вели: „И други овци имам, што не се од ова трло, и нив треба да ги приберам; и ќе го чујат гласот Мој и ќе биде едно стадо и еден пастир (Иван 10, 16). Овие зборови сведочат за неговата грижа за сите: Тој е пастир на сите. Исус сака сите да можат да ја примат љубовта на Отецот и да се сретне со Бога.
И Црквата е повикана да го продолжи ова Христово послание. Освен оние кои доаѓаат во нашите заедници, има многу и такви кои се мнозинство, кои доаѓаат само повремено или никогаш. Но, заради тоа не престанаа да бидат Божји деца: Отецот му доверува сè на Христос Добриот Пастир, кој го даде својот живот за сите.
Браќа и сестри, Исус нѐ штити, нè познава и нѐ сака сите нас. Пресвета Богородица нека ни помогне да го прифатиме и следиме Добриот Пастир за да можеме радосно да соработуваме во неговото послание.
Ватикан њуз/к.мк