Папата Фрањо инсистира на потребата да се остане во Црквата за да се најде Исус и ги повика верниците собрани на плоштадот Свети Петар во Ватикан да ги отворат рацете за сите кои се ранети од животот, не исклучувајќи никого од Божјата милост
Денес, во недела на Божјото милосрдие, Евангелието ни зборува за две јавувања на воскреснатиот Исус на учениците, а посебно на неверниот апостол Тома, рече папата Фрањо за време на молитвата на Царице небесна на плоштадот Свети Петар.
Папата Фрањо го започна своето размислување забележувајќи дека Тома не бил единствениот кој се борел да поверува. Но, за разлика од неговите браќа апостоли, кои се затворија во салата на Последната вечера, Тома покажа дека е храбар, тој излезе, изложувајќи се на опасност некој да го препознае, пријави или уапси. Можеме дури и да помислиме дека тој со својата храброст заслужува да се сретне со воскреснатиот Господ повеќе од другите. Но, напротив, токму поради тоа што се оддалечил од другите, кога на Велигден за прв пат Исус им се јавува на учениците, Тома го нема и ја пропушта можноста.
Кога другите апостоли му кажале на Тома дека Исус им се јавил, тој се борел да им поверува, велејќи дека ќе верува само кога ќе може да ги види и допре Исусовите рани.
Барајте го Исус во Црквата
Тома, рече Папата, сака извонреден знак – да ги допре раните. Исус му ги покажува, но на обичен начин, доаѓајќи пред сите, во заедницата. Како да сака да каже: ако сакаш да ме запознаеш, не барај далеку, остани во заедницата, со другите; не заминувај, моли се со нив, прекршувај го лебот со нив. Исус се појавува во заедницата и токму во присуство на заедницата им ги покажува на апостолите своите рани на телото, доказ за својата љубов, знаци на љубов што ја победува омразата, простување што ја разоружува одмаздата, живот што ја победува смртта.
Светиот Отец објасни дека ние, како Тома, сме повикани да го бараме Воскреснатиот, не во некоја спектакуларна или неверојатно верско сфаќање, само на емотивно или сензационално ниво, туку во заедницата на верниците, Црквата. И покрај сите нејзини ограничувања и неуспеси, кои се и наши ограничувања и неуспеси, нашата Мајка Црква е Тело Христово; и таму, во Телото Христово, се уште и засекогаш се втиснати најголемите знаци на неговата љубов, рече Римскиот епископ.
Папата Фрањо повика да се запрашаме дали во името на таа љубов, во името на Исусовите рани, сме подготвени да ги отвориме рацете за оние кои се ранети од животот, не исклучувајќи никого од Божјото милосрдие, туку примајќи го секој – секој човек како брат, како сестра.
На крајот, Римскиот бискуп ја повика Марија, Мајката на милосрдието, да помогне да се сака Црквата и да биде гостољубив дом за сите.
Ватикан њуз/к.мк