Минатиот месец во Франција се забележани скоро педесет дела на вандализам на верски објекти, објави Observatory on Intolerance and Discrimination against Christians, меѓународно здружение кое се занимава со борба против дискриминација на христијаните.
Еден од најтешките случаи е забележан во базиликата Saint-Denis во близина на Париз. Вандалите влегле во готичката црква во која се погребани француските монарси, ги искршиле витражите и ги уништиле оргулите и хорската галерија.
На олтарот во Црквата Saint-Gilles е оштетен релјефот, на Христовата фигура е откината главата, а во црквата Notre-Dame des Enfants во Нимес, непознати сторители го разбиле табернакулот и посветените хостии ги обесчестиле.
Бискупот на Нимес, Роберт Ватеблед, после инцидентот изјави дека „со вакви услови богослужби во црквата не може да се служат сѐ додека не се изврши покорничи обред заради направената профанација“. Со овој чин се „повредени најдлабоките чувства на верниците“, рече бискупот и додаде дека црковните лидери сега се исправени пред прашањето како да останат отворени црквите „без голем ризик од вандализам“.
Коментирајќи ги овие напади Елен Фантини од здружението Observatory on Intolerance and Discrimination against Christians рече дека „мотивите не секогаш се познати, но е многу јасно дека се упатени против католиците“.
„Додека постои доволно волја и ресурси за заштита на други објекти кои се честа мета на напади, изгледа дека таквиот пристап не се се однесува и за црквите“ – истакна Фантини, чие здружение минатата година забележа преку 500 напади и дискриминациски дела против христијаните во Франција.
Иако сторителите на ваквите напади често пати не се откриваат, извршниот директор на Observatory on Intolerance and Discrimination against Christians, врз основа на она што во минатото е забележано во Франција „може да се претпостави дека главни извршители се анархисти, феминисти и исламски активисти“.
Битно нет/к.мк/Фото: Пјер Нервал