Фатима: Папата со верниците молеше Бројаница

Фатима: Папата со верниците молеше Бројаница

На 12 мај 2017 година, папата Фрањо во Фатима, каде што се наоѓа на ходочастие, со стотици илјади верници и ходочасници, молеше света Бројаница. По молитвата Бројаница, Папскиот државен секретар кардинал Пиетро Паролин, за верниците служеше света Литургија.

Папата со ходочасниците го молеше радосното таинство од Бројаницата: Молеше на различни јазици, започнувајќи од португалски и арапски; на шпански и украински; на италијански и кинески, на англиски и француски, и на германски и полски јазик. Папата седеше пред статуата на Пресвета Богородица Фатимска на која нешто претходно ѝ остави златна ружа за дар: како ходочасник меѓу ходочасниците.

Во Фатима синоќа можеше да се почувствува едно длабоко единство на духот. Стотина илјади луѓе кои дојдоа од многу земји во светот, ја молеа Царицата на небото да се зазема за луѓето и од својот божествен Син, за светот да го измоли дарот на мирот.

Во проповедта на литургиското славење кардинал Паролин стави акцент токму на мирот. „Сто години по објавата,“ за време на која Пресвета Богородица ги упати малите пастири на светот да му кажат да се преобрати и да моли за мир. Милиони луѓе и понатаму живеат среде бесмислени конфликти. Дури и на места кои еднаш се сметаат за сигурни постои чувството на страв. Често нè освојуваат сликите на смртта, болката на недолжните мажи, жени и деца кои бараат помош и утеха; жалоста на оние кои ја оплакуваат загубата на саканите личности, заради омразата и насилството и драмата на бегалците и мигрантите кои трагично страдаат“ (Обраќање на дипломатскиот кор, 9 јануари 2017)

Среде големата загриженост и неизвесноста за иднината“ – праша кардинал Паролин – „што бара од нас Фатима? Упорност во посветувањето на Безгрешното Срце Богородично, секојдневно принесување света Бројаница. А што ако и покрај нашите молитви, војните продолжат? – праша и поттикна: Иако непосредните резулатите не се очигледни, да продолжиме да молиме. Молитвата никогаш не е бескорисна. Порано или подоцна ќе донесе плод. „Молитвата е – рече кардиналот – капитал во Божјите раце; Тој ја претвора во добро, во свое време и на свој начин, кој многу се разликува од нашите.“

РВ/к.мк

 

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот