Трчање и ненадејна прегратка: папата Лав и детската спонтаност

Трчање и ненадејна прегратка: папата Лав и детската спонтаност

На свеченост во салта Дукале во Апостолската палата, на 7 јуни 2025 година, се одржа едноставна, но длабоко човечка средба. Светиот Отец, папата Лав XIV, во приватна аудиенција го прими семејството на Џовани Џордано – помошник-капелан при касарната на Карабињерите „VB Salvo D’Acquisto“ во Тор ди Кинто, Рим.

Присутни беа неговата сопруга и нивниот мал син – ведро и неуморно дете, исполнето со неисцрпна енергија. За време на подолгото чекање, момчето постојано трчаше од едно на друго место, без да обрнува внимание на околината, ниту пак да прифаќа упатства од возрасните. Изгледаше како да живее во свој сопствен свет, во кој времето на чекање беше простор за игра, а не за тишина.

Но, токму кога во салата влезе Светиот Отец, се случи нешто неочекувано и трогателно. Додека возрасните останаа воздржани, возбудени и воодушевени од светоста на моментот, малото момче – во едноставноста на своето срце, остави сè зад себе и без двоумење потрча кон Папата, прегрнувајќи го со искреноста на едно дете.

Папата Лав XIV, со насмевка и отворени раце, одговори со нежна и татковска прегратка. Тоа беше миг на вистинска човечност, но и евангелски знак: „Вистина ви велам, ако не се обратите и не станете како децата, нема да влезете во Царството небесно“ (сп. Матеј 18,3).

Во овој гест се открива нешто од таинството на Божјата промисла. Имено, душите кои се слободни и незлобливи, како оние на децата, се способни да ја препознаат убавината на љубовта и татковството Божјо, дури и во најсвечените моменти. Во таквите спонтани случувања, Бог ни говори без зборови, потсетувајќи нè на најважното – да останеме мали пред Него, со доверба и искрени.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Колумни

За авторот