Тродневницата во Радово во чест на Марија од Назарет
Оваа година во парохијата Свети пророк Илија од Радово ќе се прослават јубилеите: 155 години Кукуш – Солун, 150 години Алексово, 100 години Радово и Марија од Назарет, 15 години од доаѓањето на Марија од Назарет во Македонија и Радово. Официјалното отворање на овие јубилеи ќе биде на празникот Марија од Назарет на 06.10.2013 во Радово.
На празникот му претходи подготвителна Тродневница од 3-5 октомври 2013. Во склопот на прославата на овие јубилеи, на 05 октомври ќе бидат благословени двете капели во Радово кои се изградени во чест на Марија од Назарет и Блажена Мајка Тереза од Скопје.
Претстои пред нас време во кое очекуваме да се вклучи и придонесе со свои идеи, размислувања, знаење и активности секој кој мисли дека е во состојба тоа да го стори со љубов кон Бога, својот народ и Црква.
Тродневницата во чест на Марија од Назарет е во прв ред лична молитва за сопствените потреби и лични прозби до Бога преку Марија. Особената накана оваа година на заедничкото молење ќе биде:„Мариин заговор за Божји благослов за сите брачни двојки во парохијата и Егзархатот“.
Распоред на чествувањето на Марија од Назарет
Четврток 03.10.2013 18,00 Света Литургија; Молебен до Пресвета Богородица; Наговор Отец д-р Зоран И. Стојанов, парох. Молитви на Верните, под водство на о. Трајче Ташев, капелан.
Петок 04.10.2013 18,00 Света Литургија; Молебен до Пресвета Богородица; Наговор о. Трајче Ташев, капелан. Молитви на Верните, под водство на о. Зоран.
Сабота 05.10.2013 17,00 Тргнување во процесија кон капелите Марија од Назарет и Блажена Мајка Тереза. Процесијата ќе ја предводи и ќе го изврши благословот на капелите Н.В.П. д-р Киро Стојанов, скопски бискуп и апостолски егзарх во Македонија. Враќање во црквата. Св. Литургија.
Недела 06.10.2013 10,00 Света Бројаница; Света Архиерејска Литургија во 10,30 ја предводи и проповеда Н.В.П. д-р Киро Стојанов; Процесија со Марија од Назарет околу црковниот двор; Благослов за сите присутни.
Преку сите денови за Тродневницата можност за Света Исповед. Доколку не сте спречени од некои неодложни задолженија се препорачува секојдневно присуство на молитвата со можност за добивање посебни милости во овие денови на празникот Марија од Назарет.