Телевизиско интервју на Папата: Чувствувам дека мојот понтификат ќе биде краток, 4 до 5 години
Папата Фрањо даде интервју за мексиканска телевизија и се присети на деновите кога беше избран.
„Дојдов во Рим со мал куфер, мислев дека брзо ќе се вратам во Буенос Аирес, најдоцна до Цветници. Веќе имав и подготвена проповед за таа Литургија. Никогаш не мислев дека ќе бидам избран за папа“, раскажа папата Фрањо во разговорот кој го имал по повод втората годишнина од својот избор, а кој го даде за мексиканската телевизија Телевиса. Англискиот превод на разговор е објавен на страниците на Радио Ватикан.
Во еден од своите најотворени разговори за медиумите, Папата се присети на конклавите на кои е избран. Нагласи дека ниту тој, ниту новинарите, а ниту кардиналите околу него, во него не гледале кандидат. Потсети дека на обложувалниците во Лондон бил некаде на 46-тото место. Неговиот пријател на шега се обложил за него и добил добра добивка.
„Начинот на кој се гласа во конклавите прилично е интересен. Постојат силни кандидати, но многу луѓе не знаат за кого од нив ќе се гласа. Затоа гласаат за некои имиња кои се „привремено“ решение додека не одлучат на кој да го дадат дефинитивниот глас. Јас за некои бев на списокот на тие „привремените“ – рече Папата и го демантираше тврдењето дека на претходните конклави на кои е избран Бенедикт XVI, тој имал 40 гласови од кардиналите. Рече дека ништо не укажуваше за негов избор сѐ до тоа гласање во средата попладне на 13 март 2013 година.
„Тогаш видов некои чудни знаци. Започнаа да ме испрашуваат за здравјето… Тоа попладне после двете гласање сè беше готово. По првото гласање видов дека сè оди кон тоа. До мене седеше мојот пријател кардинал Клаудио Хумес, почна да ми зборува да не се грижам, дека Светиот Дух така делува. По второто гласање имав повеќе од две третини од гласовите и кардиналите ракоплескаа. Хумес ме бакна и ми рече: Не заборавај на сиромашните. Тоа ми остана во главата и тоа доведе до тоа да го изберам името Фрањо. Во текот на гласањата молев Бројаница и чувствував голем мир. Истиот мир го чувствував и кога објавија дека сум избран и тоа за мене беше знак дека таа е волјата Божја“, рече Папата и продолжи со своите присетувања:
„Ме прааша дали се согласувам, реков да. Излегов надвор да се пресоблечам, се вратив и го поздравив кардинал Иван Дијас, кој беше во инвалидска количка, а потоа и останатите кардинали. Го повикав римскиот викар и кардинал Хумес да дојдат со мене, тоа беше нешто што е надвор од протоколот. Отидовме да се помолиме, а потоа е објавено дека е избран нов папа. Излегов на балконот и во првиот момент не знаев што да кажам, но знаев дека за својата служба не ми треба само благословот од Бог, туку и од своите луѓе. Зборовите излегоа сами од мене.“
Запрашан дали му се допаѓа да биде Папа, одговорил дека тоа „не му пречи.“
„Единствено што би сакал е да излезам еден ден, никој да не ме препознае и да отидам на пица. Во Буенос Аирес многу се движев и одев од парохија до парохија. Тоа сега се промени,“ рече Светиот Отец
Новинарката Валентина Алазраки потоа го прашала зошто толку често зборува за тоа дека неговиот понтификат ќе биде краток и потсетува на своите години.
„Чувствувам дека мојот понтификат ќе биде краток, 4 до 5 години, можеби дури 2 до 3. Две години веќе поминаа… Не знам можеби таа е психологијата на коцкарите кои себе се уверуваат дека ќе изгубат за да не биде разочаран кога тоа ќе се случи, а ако добие тогаш е среќен. Не знам. Но, чувствувам дека Бог ме стави на кратко време,“ повтори Папата и додаде дека повлекувањето на папата Бенедикт XVI ја отвори вратата за институцијата почесен папа, што не значи дека тој ќе го повотори неговиот чин.
Во разговорот за телевизијата Папата се осврнувал уште на многу теми, а една од најинтересните е таа за претстојната Синода за семејството. Новинарката го прашала дали ќе поддржи промени кои се однесуваат на Причеста за разведените католици кои се во втор граѓански брак.
„Големи се очекувањата од Синодата. Институцијата брак поминува низ сериозни тешкотии, посебно меѓу младите генерации и затоа ја одбравме како тема на синодата. Имајќи ја во предвид таа криза, сигурен сум дека Господ сака да се позанимаваме со специфичните проблеми: подготовката за брак, пасторалната работа со паровите кои не се венчани, поддршка за младите брачни парови и оние кои зад себе имаат неуспешни бракови и така да се спречи бракот да стане повеќе општетсвена отколку духовна реалност“, порача папата Фрањо.
РВ/Д.И.