Тајна на смртта и тајна на животот
Велигденска честитка на Неговото Преосвештенство д-р Киро Стојанов упатена до верниците од Католичка вероисповед во Република Македонија
Браќа и сестри во Христа!
Празнувајќи го најголемиот христијански празник, страданието, смртта и воскресението Христово, христијаните се впуштаат во размислување и проживување на најдлабоките тајни на човечкото постоење: Тајната на смртта и тајната на животот. Дали човекот како духовно суштество може да ја најде својата смисла, а пред сè, да ги поднесе сите тешкотии и искушенија во животот без да си постави прашање за смислата и да го побара одговорот: ЗОШТО? На тоа прашање се обидуваат да одговорат сите религии и филозофии. Сите тие, повеќе или помалку се доближуваат кон вистината но не даваат полн одговор. Ние христијаните денес славиме одговор кој не е даден на ниво на наука и говор, туку на настан. Исус Христос е навистина Бог кој стана човек и кој врз себе ја зеде сета горчина и тегоба на човечкиот живот. Беше неприфатен, прогонуван, бегалец, сиромав. Беше славен, но исто така и наклеветен и осуден и на крајот насилно убиен. Има ли некоја ситуација во нашиот живот а да не можеме да ја препознаеме во страданијата на Христовиот живот? Единствено искуство кое го немаше е гревот: да биде лош. А Христос никогаш не беше лош. Страданието кое го поднесуваше дотолку повеќе беше болно и несфатливо. Со својата смрт на крстот, на тоа апсурдно страдание, му даде друг назив: да се љуби човекот. Тоа што во човекот беше грев Тој тоа го уништи со смртта. Христијанството започна на настанот, кој излегува и ја надминува нашата историја а тоа е Воскресението. Оној истиот Христос кој страдаше и почина сега е жив во вистинското тело но кое не е потчинето на нашите физички закони. На тоа почива верата на христијаните која е нивна сила и вдахновение да го прифатат сето она што Христос го учеше и го правеше. Во светлината на таа Негова победа и смрт ние христијаните гледаме причина на својот начин на размислување и живеење. Центар на нашето верување е Бог но кој има човечко лице. Затоа христијанството е свртено кон човекот. Учествува во Неговата радост и страдание и се обидува во сите околности од животот да даде позитивен придонес кон вистинските вредности на животот: вистина, правда, љубов и мир. За нас човекот е центар како да се препознае, почитува и да се дојде до Бога. Божјиот пат кон човекот е Христос а патот на христијаните кон Бога е човекот. Затоа на овој празник е зачната Црквата – Христовото Мистично тело – која ја навестува победата на животот над смртта, доброто над злото, вистината над лагите и ништо друго не ветува освен живот вечен. Во тие мисли на охрабрување дека Бог не го напушта човекот, сакам вашите срца да ги поттикнам во сите тешкотии, прашања и дилеми да го кренете погледот кон Христос, славниот и Воскреснат и еден на друг да станеме брат и сестра за така да си помогнеме да се реализира Евангелскиот живот. Честит празник Воскресение Христово – Христос Воскресе!