На 31 октомври 2018 година во парохиската црква „Раѓање на свети Иван Крстител“ се одржа молитвено бдение, насловено „Holywin – светоста победува“. Оваа бдение беше анимирано од децата и младите од парохијата кои за оваа прилика ја предводеа молитвата Света Бројаница, при што младите читаа делови од Светото Писмо кои се однесуваат за таинствата од светата Бројаница, а десетките ги молеа децата. Исто така пред присутните верници децата и младите премиерно ја изведоа богородичната песна „Дојдовме Мајко драга“.
Во своето кратко обраќање о. Гоце Костов ја истакна важноста од овој настан посебно што овие деца и млади не се вклучија во пагански прослави организирани од разни институции, организации, здруженија, па дури и училишта, кои го слават ѓаволот и смртта, туку како вистински херои кои „пливаат против струјата на светот“ дојдоа во црквата да го слават Воскреснатиот Христос, животот, светоста и победата над смртта.
За време на оваа молитвена средба беше презентиран краток филм за животот на свети Иван Павле II. На крајот присутните добија мали икони, а секој од нив за време на часовите по веронаука ќе треба да го опишат животот на светецот кој го добиле.
Покрај овој настан и чествувањето на свети апостол и евангелист Лука со овој настан заврши и Октомвриската побожност, но и пет години откако во парохиската црква „Раѓање на свети Иван Крстител“ – Струмица се служи света Литургија.
к.мк