Струмица: Прославен денот на болните

Струмица: Прославен денот на болните

Во недела 9 февруари 2025 година, во катедралата „Успение на Пресвета Богородица“ во Струмица со света архиерејска Литургија предводена од Н.В.П. монсињор д-р Киро Стојанов, е прославен Денот на болните за Црквата во Македонија. На светата Литургија со епископот Стојанов сослужуваа катедралниот парох протојереј ставрофор отец Спасо Ристов, поранешниот катедрален парох протојереј ставрофор отец Георги Трајков, парохот во парохијата „Раѓање на Свети Иван Крстител“ во Струмица, протојереј отец Гоце Костов, парохот во Чанаклија и Сарај отец Ванчо Назов и капеланите отец Трајче Ташев и отец Атанас Сирачев.

На очетокот од проповедта епископот рече дека сме собрани во оваа наша Катедрала да го прославиме Светскиот ден на болните, но исто така и да размислуваме за значењето на овој ден во контекст на Јубилејната година, во која центар е христијанската крепост надеж и во која сме повикани да бидеме „ходочесници на надежта“ и додаде дека понекогаш животот изгледа неподнослив, кога ќе надвиснат темни облаци, посебно кога сме болни или кога некој наш близок е болен и дека во таквите тешки моменти, треба да го упатиме нашиот поглед кон Пресвета Дева Марија, која нè зајакнува во надежта, како што тоа го правиме и денес на празникот Пресвета Богородица Лурдска.

Во продолжение епископот Стојанов истакна дека за Црквата грижата за болните се нераскинлив дел од нејзиното послание. Тоа ни го потврдуваат и Евангелијата во кои се спомнуваат многу места каде што Тој лекува болни, истовремено подвлекувајќи три работи кои се заеднички за сите чуда и средби на Исус со болните. Тој рече дека првата заедничка работа е тоа што средбите кои Исус ги остварува со болните секогаш се лични, истакнувајќи дека и денес не е ништо поразлично. Исус исто го прави, лично се грижи за секој кој е болен. За сите кои се болни во своите домови, во болниците, Исус доаѓа кај нив да се сретне, преку молитвата, преку Словото Божјо, преку свештениците кои им ја носат Светата Тајна на помирување, Причест. и Светата Тајна на оздравување, односно елеопомазанието на болните.

Втората заедничка работа е тоа што болните кои ги оздравува Исус имале длабока вера и реторички праша дали веруваме дека Бог и денес прави чуда на оздравувања при што одговори дека Бог и денес продолжува да прави чуда, некои од тие чуда можеби не се видливи за нас, можеби не се случува телесно оздравување, но Бог и денес прави чуда на преобраќање на срцата, токму во моментите на болест и страдање и додаде: За некои тоа ќе значи оздравување. За други тоа ќе значи мир, преобраќање, прифаќање и радост што само тој може да ги даде.

И третата работа на која се осврна е дека ги испраќа болните кои се излекувани да се вратат во нивните семејства и нивните блиски и да им раскажат за сето она што Господ го направи со нив, односно да посведочат за чудото кое Господ го направи..

Благодарејќи на оние кои го посветуваат својот живот на грижата за болните – лекарите, медицинските сестри, медицинските техничари, целиот медицински персонал во болниците, но и сите кои се вклучени во грижата на болните во домовите, епископот Стојанов упати благослов до сите болни, сите здравствени работници и оние кои се грижат за болните во домашни услови и ги повика присутните да го пренесат овој благослов на сите болни кои ќе ги посетат и да им кажат дека Црквата е со нив и за нив моли.

На крајот од светата Литургија следуваше процесија со статуата на Пресвета Богородица, а заврши со молитва за болните, која ја упати епископот Стојанов.

За време на светата Литургија пееше Катедралниот хор.

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот