Во недела на 13 јули 2025 година, во дворот на парохиската црква „Раѓање на свети Иван Крстител“ во Струмица се одржа традиционалниот молитвен настан Вечер со Богородица, во организација на истоимената парохија и Радио Марија. На настанот присуствуваа верници од парохијата и околните парохии.
Пред почетокот Величе Илиева во име на парохијата и Радио Марија ги поздрави присутните пренесувајќи ги поздравите на Н.В.П. монсињор Киро Стојанов, со чиј благослов се одржува овој молитвен настан.
Светата Бројаница започна со песната „Дојдовме ти Мајко драга…“. Таинствата и наканите ги читаа децата од веронаучната група на парохијата. Помеѓу секоја десетка верници читаа извадоци од Светото Писмо, а кратки размислувања читаше протојереј отец Гоце Костов, кој по завршувањето на Бројаницата ја предводеше Литанијата до Пресвета Богородица.
Посебен момент беше сведоштвото на Александра Минкова, која го сподели нејзиното искуство за молитвата на Бројаницата и важноста во воспитувањето на децата.
Во медитацијата отец Гоце Костов Костов додаде: Во современиот свет, многумина се оддалечуваат од Црквата, а причините се различни, но често служат само како изговор. Сепак најголемата причина е што луѓето престанале да ја гледаат како мајка.
Во тие моменти на криза, Бог ни ја испраќа Пресвета Богородица, Мајката на Црквата, која не осудува, туку со љубов нé повикува да се вратиме кај нејзиниот Син. Токму тоа ни го овозможува средбата со Богородица во Светата Бројаница, затоа што не го задржува вниманието на себе, туку нè упатува кон Својот Син.
Во молитвата Света Бројаницата многу луѓе повторно го откриле Бога, и тоа преку присуството на Мајка што разбира, утешува и води. Таа го разбира и нашето страдање, грижа и мака. Ако некогаш се почувствуваме далечни од Црквата или изгубени на патот до Бога, да не бегаме. Наместо тоа, да се приближиме до Мајката. Таа ќе нè води на нашиот пат до светоста. И преку неа – ќе го сретнеме Синот.
Настанот заврши со благослов и заедништво во црковниот двор.
к.мк