Во рамки на светската молитвена иницијатива „Милион деца молат за мир“ на 18 октомври 2022 година деца од веронаучните групи при парохијата „Раѓање на свети Иван Крстител“ – Струмица се приклучија на оваа молитва, молејќи света Бројаница во парохиската црква.
На крајот од молитвата во процесија децата со свеќи во рацете, пеејќи богородична песна пред статуата на Богородица во дворот на црквата уште еднаш упатија молитва за мир во светот, посебно за Украина и за мир во човечките срца.
Молитвената средба заврши со дружење и заедништво во дворот на Црквата, а од настанот директно пренесуваше Радио Марија на фрекцвенцијата во Струмица и на интернет страната www.radiomarija.mk.
Кампањата за Бројаница со деца е започната во 2005 година во Каракас – главниот град на Венецуела. Додека неколку деца молеле Бројаница во светилиштето покрај улицата, некои од присутните луѓе се потсетиле токму на зборовите на свети Падре Пио: Кога милион деца заедно ќе молат Бројаница, светот ќе се промени!“ Така оваа молитвена иницијатива брзо се раширила по целиот свет. Фондацијата „Помош на Црквата во неволја“ (Aid to the Church in Need – ACN; Kirche in Not) ја поддржува од 2008 година, а организацијата на светската кампања ја преземаа пред три години.
Ватикан њуз/к.мк