Струмица: Крстен пат на млади со игра на сенки

Струмица: Крстен пат на млади со игра на сенки

На Цветници 9 април 2017 година, кога Црквата го одбележува Светскиот ден на млади во салата „Света Мајка Тереза“ во парохијата Свети Иван Крстител – Струмица се одржа Крстен пат на млади, на кој покрај младите, присуствуваа и голем број верници кои беа повикани да им се придружат на нивната молитва. Крстниот пат го предводеа о. Гоце Костов и о. Атанас Сирачев, а го анимираа младите со бројни ѕвучни и светлосни ефекти.

На почетокот од Крстниот пат младите ги поздравија присутните, заблагодарувајќи им на нивното присуство, истакнувајќи како тоа е знак дека ги подржуваат во нивниот раст во верата. Во парохиската сала светлото беше пригушено, а одредени места и околу Крстот пред главната сцена беа поставени повеќе свеќи. Започнувајќи со молењето на сцената се менуваа постојките со видео инсерти од филмот Пасија, а по секоја проектирана постојка следуваше игра на сенки преку кои се формираа постојките од Крстниот пат, кој Исус го помина заради нашето спасение. Сето тоа беше придружувано со звучни и светлосни ефекти, како и музика. Крстниот пат на млади ја содржеше и петнаесетта постојка, кога на крајот во затемнетата сала придружуван од сноп светло влезе Воскреснатиот.

Овој креативен Крстен пат за млади го подготви веронаучната група на млади од парохијата со своите свештеници, а за во иднина најавуваат повеќе активности. Со Светскиот ден на млади во парохијата започна и кампањата за млади, насловена според дел од пораката на папата Фрањо до младите „Потребен си ѝ на Црквата“, која има за цел повеќе млади од парохијата да се приклучат во парохиските активности за млади.

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот