Средба со волонтерите. Говорот на Папата

Светиот Отец на 31 јули 2016 година попладне се сретна со волонтерите при Светскиот ден на млади во Краков и го одржа последниот говор во рамките на посетата на Полска. На волонтерите им изрази благодарност за нивното залагање, посветеност и великодушност.

Во напишаниот говор кој го предаде истакнува дека во таинството на посетата на Марија на Елисавета можеме да ја пронајдеме „иконата на христијанското волонтерство“ во трите ставови на Богородица: „слушање, одлука и дејствување.“

Марија се упатува на пат благодарение на слушањето на навестувањето на ангелот. Не само што го слуша Божјото Слово туку го слуша со внимание и расположливост. Освен тоа Блажена Дева Марија – како што пишува – „слуша“ и во случувањата во животот обраќа внимание на реалноста, не запира на површината. Ги чита Господовите знаци. „Тоа се случува и во нашите животи: Господ е на вратата и чука на многу начини, поставува знаци на нашиот пат и нè повикува да ги читаме во светлината на Евангелието“ – објасни папата Фрањо.

Вториот став на Богородица е одлуката. Тоа го гледаме во „главната одлука за нејзиниот живот: Еве ја слугинката Господова нека ми биде според зборовите твои. Во животот – рече Папата – често е тешко да се донесат одлуки, настојуваме да ги одложуваме, можеби препуштајќи ги на дригите или ја следиме струјата. Понекогаш сфаќаме што треба да правиме, но ни недостасува храброст. „Марија не се плаши да оди против струјата“ и заедно со Бог ги презема сите ризици – рече Светиот Отец.

Третиот став е дејствувањето. Марија заминува да ја посети својата роднина и покрај тешкотиите. Таа оди кај Елисавета не за да слушне од неа дека е добра, туку за да и помогне, за да служи. Во тоа „излегување од себе“, Богородица го донесува она најскапоценото: Исуса Синот Божји –  пишува Папата.

Крајната цел на волонтирањето е да се отвориш за Исусовото присуство; искуството на љубовта кое доаѓа одозгора и кое исполнува со радост и поттикнува на дејствување. „Волонтерот на Светскиот ден на млади не е само „службеник“ туку секогаш е евангелизатор“ – нагласува Светиот Отец.

Марија откако го завршила служењето на Елисавета се враќа дома во Назарет. „Како што дојде така и заминува“. На младите им порача дека ниту тие нема да ги видат сите плодови од својата работа во Краков, туку ќе се покажат дури во животите на браќата и сестрите на кои им служеле. Се работи за „бесплатност на љубовта“ – рече додавајќи на крајот: „На Бог му е позната вашата посветеност, вашето залагање и вашата великодушност“. Тој нема да пропушти да ви возврати за сè што сте направиле.

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот